Во Италија повеќе од 36.000 раселени поради поплави, се урна спасувачки хеликоптер

by Fokus

Повеќе од 36.000 луѓе се раселени поради поплавите во регионот Емилија-Ромања во кој загинаа 14 луѓе, предизвикани се стотици свлечишта и огромни штети, а поради природната катастрофа, премиерката Џорџа Мелони го прекина денешното учество на самитот на Г7 во Хирошима за да се врати во Италија.

Поради континуираните врнежи, регионалните власти го продолжија црвениот метео аларм.

Премиерката Мелони вчера објави дека предвреме го напушта самитот на групата Г7 (индустриски најразвиени земји во светот) што се одржува во јапонскиот град Хирошима и се враќа во Италија поради природната катастрофа.

„Искрено, не можам да останам толку далеку надвор од Италија во толку сложено време“, рече таа на прес-конференција.

Мелони им се заблагодари на 5.000 луѓе, членови на спасувачките служби и волонтери кои им помагаат на настраданите од поплавите. Таа, исто така, им се заблагодари на своите колеги на самитот на Г7 за понудената помош.

Денеска Мелони ќе ги посети најпогодените подрачја од поплавите.

Властите на градот Равена наредија вчера итна евакуација на селата кои беа особено погодени од водениот бран.

Хеликоптер со четири лица, кои учествувале во обидите за обновување на снабдувањето со електрична енергија во поплавените подрачја, се урна во близина на градот Луго, при што еден од нив е повреден, соопштија пожарникарите.

Поплавите предизвикаа повеќе од 350 свлечишта и оштетија или затворија повеќе од 500 патишта во регионот.

Материјалната штета се проценува на милијарди евра.

Поврзани новости