Градските власти во Париз се казнети за ангажирање премногу жени на високи позиции, одлука што во вторникот ја исмејуваше како апсурдна градоначалничката Ан Идалго, објави Гардијан.
Казната од 90 000 евра ја побара француското Министерство за јавна служба со образложение дека Градот Париз ги прекршил националните правила за родова еднаквост при вработувањето на персоналот во 2018 година.
-Задоволна сум што објавувам дека сме казнети, изјави Идалго на состанокот на градскиот совет, додавајќи дека е пресреќна за казната.
Идалго рече дека е обвинета затоа што на високи позиции во канцеларијата на градоначалникот во 2018 година се поставени 11 жени и само пет мажи, што значи дека 69 отсто се жени.
-Раководството на градското собрание одеднаш стана премногу феминистичко, рече Идалго, која беше реизбрана за нов мандат на чело на Париз минатата година.
Според одлуката што ја пренесува весникот Ле Монд, кабинетот на градоначалничката го прекршила правилото од 2013 година според кое еден пол не треба да надминува повеќе од 60 отсто од номинациите за раководни позиции.