АРХИВА Парите за рекламирање кои владата ги плаќа од наш џеб се „државна тајна“!?

by Фокус

Текстот е објавен на 15 јуни 2012 во неделникот „Фокус“ број 885

Пишувале
Мери ЈОРДАНОВСКА
Сашка ЦВЕТКОВСКА

Прво, јавно ѝ се извинуваме на целата македонска јавност за овој текст, бидејќи се обидовме да откриеме класифицирана информација која е од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и за безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија. Со сета почит кон законите и заштитените права на класифицираните информации, но навистина не знаевме дека кампањите на владата кои секојдневно ги гледаме на провладините медиуми спаѓаат во оваа категорија.

Не знаевме дека за да видиме во кои медиуми се рекламира Владата, ни треба безбедносен сертификат. Не знаевме дека податоците за владините реклами имаат печат – „класифицирано”. Едноставно, не знаевме дека медиа планот за владината реклама за туризмот е толку доверлив што неговото откривање пред јавноста би предизвикало „непремостливи штети” по безбедноста на државата, нејзиниот територијален интегритет, уставниот поредок, работата на тајните служби..!

И затоа се извинуваме што баравме Владата да ни открие информација еднаква на откривање информација за нуклеарно оружје, или за идентитет на заштитен сведок, кој има информации за терористички напади. А едноставно, ние го побаравме медиа планот за неколку владини реклами. Каде и за колку пари се рекламирале. Но, кој да ти знаел дека таа „тајна отровна” ќе нѐ однесе на едно такво „класифицирано” патешествие!

ОСМЕЛИ СЕ, АМА – ТАЈНО!        

Како што веќе објавивме во еден од претходните броеви на „Фокус”, испративме барања за пристап до информации од јавен карактер, бидејќи сметавме дека нема ништо спорно доколку владата ни одговори на сосема нормални прашања, особено кога станува збор за трошење буџетски пари – во кои се медиуми се емитувала рекламата „Осмели се” и медиа планот за кампањата за позитивни искуства во областа на туризмот и позитивните навики на граѓаните за задржување туристи.

Но, очигледно имало нешто спорно, бидејќи одговорот на првото прашање што го добивме гласеше дека „Генералниот секретаријат на владата не располага со бараната информација”. Одговорот на второто прашање уште повеќе нѐ зачуди. Пишуваше дека бараната информација е класифицирана информација, со соодветен степен на тајност, во случајов, степен „интерно”. Неизвесно е само каква е таа класифицирана информација што се емитува на сите провладини медиуми? Кампањата ја гледаш кога и да вклучиш телевизор, но, не и ако побараш целосен медиа план (тоа, патем, е една табела). Ете, тоа да ти било класифицирана информација!!!

БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ ЗА ВЛАДИНИ РЕКЛАМИ!?

Нормално, незадоволни од ваквиот одговор, кој, патем речено, не знаевме дали да го сфатиме како сериозен или како играње мајтап, поднесовме жалби до Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. И тука сфативме дека, всушност, не било мајтап. Сериозни биле дека медиа плановите за владините кампањи се класифицирани информации, чие откривање може да ги загрози безбедноста, одбраната, надворешните работи и разузнавачките активности на органите на државната управа. Или, така барем во Законот за безбедност на класифицирани информации е дефинирано што може да биде предмет на тајна, односно класификација.

Да не знаеш дали да се смееш или да плачеш на одговорот од комисијата, кој гласи: „Жалбата се одбива. Член на комисијата изврши увид во бараната информација и притоа беше констатирано дека бараната информација е класифицирана со степен „интерно”. Според тоа, основани се и наводите во одговорот на жалбата во кој Генералниот секретаријат на Владата на Македонија се повикува на извршен задолжителен тест на штетност, кој покажал дека откривањето на бараната информација би предизвикало штета во работењето на Генералниот секретаријат, односно, дека во случајов последиците врз интересот кој се заштитува се поголеми од јавниот интерес што би се постигнало со објавување на бараната информација”.

Ако го отворите Законот за класифицирани информации, ќе видите дека за да имате пристап до информација како во случајов владината реклама, треба да имате безбедносен сертификат. Се јавивме во комисијата да прашаме, на што се должи ваквиот одговор, кој, со благи зборови, како личности ги деградира сите оние кои сакаат да знаат каде се одлеваат буџетските пари, па оттаму дознавме дека еден од членовите на комисијата имал безбедносен сертификат и само тој успеал да го види медиа планот за кампањата за туризмот. Неговото име е Бобан Пановски, но тој постојано е недостапен на мобилниот телефон. Како не би бил, кога располага со најголемите државни тајни!!!

,ДЕТАЛИТЕ, МОЖЕБИ ЌЕ ГИ ИМАМЕ ДУРИ ВО 2014-ТА!

Да се вратиме на Законот за класифицирани информации, кој вели: „Класифицираната информација со степенот ИНТЕРНО се разгледува и оценува во период не подолг од две години, за да се оцени потребата од натамошно задржување на класификацијата”.

Тоа значи дека Генералниот секретаријат, кој патем и го ставил степенот „интерно”, дури во 2014 година ќе одлучи дали да го тргне степенот на тајност од владината кампања. Ова ќе го запаметиме, па во 2014 година ќе се обидеме уште еднаш. Можеби тогаш веќе податокот за цената на купени минути каде се емитувала владината кампања нема да ја загрозува безбедноста на Македонија!

Да резимираме, накратко, што значи сето ова. Информацијата за тоа во кои медиуми се емитува владината реклама за туризмот ја знае само Пановски од комисијата, бидејќи има безбедносен сертификат, но и вработен од агенцијата „Република”, кој ја осмислувал. Пристап, според законот, може да има и претседателот на Македонија, премиерот, претседателот на Собранието, Уставниот и Врховниот суд. Ние, обичните смртници – не можеме, а не знам ни со кој памет се обидовме да ја дознаеме тајнава, која, види мајката, не друго, ами може и државичево да ни го голтне ако, не дај Боже, некој изусти збор. Ако не тоа, во најмала рака постои можност штетите да се огромни дури и за бате Саше и работата на Бирото за контраразузнавање!

САМИТЕ НА СЕБЕ СЕ НАДЗОР ВО СЛУЧАЈ НА ЗЛОУПОТРЕБИ!?

Видовме не видовме, оти не ни се виде баш јасна работава околу печатот „строго доверливо” врз предметот „владина реклама за туризам”, решивме да се обратиме до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, органот кој е надлежен за оваа проблематика. Накусо, она што ни го одговорија во првата преписка беше дека тие не можат да ни дадат информации, бидејќи, нели, според законот, за класифицираните информации не смеат да зборуваат.

„Ви посочуваме дека заштитата на содржината на информацијата е право на создавачот на информацијата, што значи дека само тој може да одлучи да ја класифицира или да го симне степенот на класификација”, напишаа од дирекцијата.

Следеше втора етапа преписки, оти одговорите на првата дефинитивно нѐ заинтригираа. Ако создавачот сам одлучува што и како ќе класифицира, тогаш кој врши надзор врз него? Кој е механизмот кој ќе обезбеди заштита од злоупотреби на овој закон во име на лични интереси? Како да сме сигурни дека некоја информација е класифицирана затоа што навистина е државна тајна, или станува збор за јавно достапен податок, кој институциите решиле да го скријат под превезот на доверливоста, поради интереси кои немаат ништо заедничко со безбедноста на државата?

Воспитаните луѓе од дирекцијата, секако, и овој пат нѐ удостоија со одговор, иако за наши стандарди незадоволителен. Според нив, овластено лице вработено во институцијата одлучува која информација на кој начин и со кој степен на доверливост ќе биде класифицирана и исто такво лице во институцијата надгледува и го одобрува степенот на квалификација. Од Дирекцијата можат, но и не мораат да побараат мислење. Но, она на што не добивме одговор е – кој е механизмот на заштита од злоупотреби и манипулации со овој закон? На тоа прашање бевме упатени единствено кон санкциите кои се предвидени во овој закон!

Во член 20 од ЗКИ, предвидена е и одредба според која „информацијата која е одредена со степен на класификација, нема да се смета за класифицирана информација ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка”, ни напиша Дирекцијата.

Секако, фино што има казни, ама кој да казнува? Од целото патешествие, заклучивме дека институциите не смеат да го злоупотребат законот, а доколку евентуално го злоупотребат, има и казни. Арно ама, нив нема кој да ги контролира, а Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации не знае кој треба да казнува!!!

И, работата излезе мајтап. Најобичен мајтап, кој институциите го тераат со граѓаните. Или, барем ќе беше тоа, да не беше брутална демонстрација на моќ. А пред неа молчел и претставникот на институцијата која треба да бдее над транспарентноста на институциите, оној „сертифицираниот” од Комисијата за слободен пристап до информации, извесниот Бобан Пановски. Не знаеме како го убедиле дека цените по секунда рекламирање, кои владата ги плаќа од ќесето на граѓаните, заслужуваат да бидат државни тајни, кои, внимавајте, можат и мирот и стабилноста на земјава да ги нарушат, ама нас не успеваат да нѐ убедат!

„РЕПУБЛИКА”
ШТО Е ТОА БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ?!

Во омилената маркетинг-агенција на владата, „Република”, побаравме одговори за тоа, зошто медиа плановите што ги прават имаат степен на тајност, небаре ќе ја откриваме опремата за прислушување на МВР. Воедно, прашавме и дали вработените поседуваат безбедносен сертификат, односно кој се во „Република” има пристап до медиа плановите. Одговорот од другата страна на линијата гласеше:

– Што е тоа безбедносен сертификат?

Потоа дискусијата продолжи:

– Ние на трети лица не ги издаваме нашите планови за работа. Тоа е меѓу нас и клиентот. Еве, прашајте во било која голема компанија, мислите дека ќе ви откријат начин како прават одредена кампања?

Попусто беше и тоа што им рековме дека во случајов станува збор за буџетски пари. Ни рекоа да им ги испратиме прашањата по и-мејл, а во одговорот пишуваше дека „Република” не се раководела од Законот за класифицирани информации (на кој се повикуваат владата и Комисијата за пристап до информации), туку според Законот за јавни набавки.

„Би сакале да Ве информираме дека нашата понуда не е означена со одреден степен на доверливост, согласно Законот за класифицирани информации, туку на почетната страна на понудата е назначено дека истата е доверлива, согласно член 25 од Законот за јавни набавки.

Согласно овој член, договорниот орган е должен да обезбеди заштита на информациите, кои економскиот оператор ги има означено како доверливи, особено кога станува збор за деловна тајна, или права од интелектуална сопственост. Нашата понуда, имајќи го предметот на набавка, изобилува со вакви елементи и затоа согласно овој член ја имаме означено доверливо. Претпоставуваме дека Договорниот орган нашата понуда ја има класифицирано за да може да го испочитува овој член од Законот за јавни набавки”, наведуваат од „Република”.

Со ова, како што владата ја префрла топката кај агенциите кога станува збор за рекламите, така сега „Република” ја префрла топката кај владата кога станува збор за тајните од државната безбедност!

СЕДИШТЕТО НА „РЕПУБЛИКА” ДА СТАНЕ БЕЗБЕДНОСНА ЗОНА!

Член 7: Класификацијата на информациите се врши според нивната содржина.

Овластеното лице од членот 9 на овој закон го определува степенот на класификацијата на информацијата. Информацијата се определува со еден од степените на класификација:

– државна тајна;
– строго доверливо;
– доверливо и
– интерно.

Класифицираната информација со степен „ИНТЕРНО” е информација чие неовластено откривање би предизвикало штета за работењето на државните органи, единиците на локалната самоуправа и други институции кои се од значење за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија.

Член 24: За заштита на класифицираните информации се преземаат мерки и активности за административна, физичка, информатичка и индустриска безбедност, како и за безбедност на лицата.

Член 26: Мерки и активности за физичка безбедност се:

-процена за можно нарушување на безбедноста на класифицираната информација со насилен упад или неовластен пристап, употреба и уништување на класифицираната информација;
– определување на безбедносен појас околу објектот;
– определување на безбедносни и административни зони;
– организирање на физичко обезбедување и примена на технички и други обезбедувања
– издавање на дозвола за пристап во објекти и простории;
– контрола на влез, движење и излез на лица и возила за пренос на класифицирани информации.

По сето ова, седиштата на Генералниот секретаријат на Владата, а и на агенцијата „Република”, треба да ги замислиме како објекти опкружени со железна ограда, полициски возила, обезбедување (се знае од која агенција) и лица кои те евидентираат во повеќе наврати пред да влезеш и да си порачаш реклама!

КОЛКУ ПОДОЛГА ПРЕРОДБА, ТОЛКУ ПОБРОЈНИ ТАЈНИ!

Да се вратиме уште еднаш во далечната 2007 година, бидејќи останува нејасно, од кога тоа владините реклами почнаа да ја штитат безбедноста на државата и уставниот поредок? Затоа што, ако е така, тогаш за бившиот министер за финансии Трајко Славески треба да следуваат најстроги санкции за издавање класифицирани информации, оти во 2007 година, тој на опозициската СДСМ и достави медиа планови од триесетина страници за кампањата „За заедничко добро”.

Весна Бендевска, Јани Макрадули, Борис Кондарко и Марјанчо Николов тогаш прашаа, а Славески писмено им одговори. Следува цитат од документот на кој никаде не стои печат „строго доверливо”:

„За кампањата ’За заедничко добро’ се пријавија четири понудувачи. Три ги исполнуваа критериумите наведени во тендерската документација, и тоа: Меккен Ериксон, Висион и Република. Тендерот го доби маркетинг агенцијата Република. Реализацијата на кампањата чини 24 милиони денари со вклучен ДДВ, средствата се обезбедени од раздел 09002 Министерство за финансии, буџетска програма 2… Преглед на бројот на емитувања во електронските медиуми и бројот на објавени огласи во печатените медиуми, за секој медиум одделно, ви ги доставуваме во прилог на одговорот на ова пратеничко прашање”.

И тука следуваат речиси 30 страници со тоа каде, во кој медиум, во која емисија и во кој тајминг оди владината реклама, со логото на – „Република”!

Поврзани новости