Чадиев: Не жалиме што ќе дадеме 38 илјади евра за Здравко Чолиќ

by Fokus 15:25
15:25

-Не жалиме што музичката ѕвезда Здравко Чолиќ ќе ни земе 38 илјади евра за настапот на Велешка питијада 2017, бидејќи од самиот старт знаеме дека општината ќе има голем бенефит од неговото гостување – вели Славчо Чадиев, градоначалник на Велес, во пресрет на традиционалната манифестација која ќе се одржи од шести до осми октомври во градот.

Здравко Чолиќ ќе настапи на седми октомври, со почеток од 22 часот, и според Чадиев, интересот за питијадата оваа година бил доста голем. Имало организиран автобуски и железнички превоз за посетители од другите градови, а хотелите веќе биле резервирани.

- Advertisements -

,,Секоја година имаме анкети, во кои се нудат околу десеттина имиња на познати Балкански пејачи. Јавноста е таа која што одлучува кој да ни биде главна ѕвезда на питијадата. Годинава, изборот падна на Дино Мерлин, чиј настап чини 60.000 евра. Но тој немаше слободен термин, па затоа се решивме за второ пласираниот Чолиќ. Знам дека сумата од 38.000 евра звучи како превисока, но да ви кажам искрено, тоа е со попуст. Инаку, тој настапува за суми од 40 до 45 илјади евра, и покрај тоа што не се работи, на пример, за дочек на Нова година, туку за обичен датум’’ – појаснува градоначалникот.

Додава дека сепак, ако лани се продале над 70.000 пити за време на питијадата, оваа година очекува бројот да се зголеми, бидејќи според временските прогнози, ги очекувало суво и топло време.

,,Локалите уште сега се подготвуваат за манифестацијата. Целиот град заживува, се троши вино, разни пијалоци, ќе имаме многу гости, ова е голем настан за Велес. Доста олеснително е тоа што секоја година, музичките ѕвезди се платени од спонзори од бизнис секторот. Инаку, лично општината ќе издвои 3,6 милиони денари за настанот, исто како и лани’’ – вели тој.

Велешка питијада и главната ѕвезда Здравко Чолиќ, годинава ќе се најдат како во ,,сендвич,, со изборните митинзи на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. На втори октомври митинг во градот ќе има СДСМ, четири дена пред питијадата, а пак четири дена по завршувањето на манифестацијата, митинг ќе има и ВМРО ДПМНЕ.

,,Знам дека питијадата буквално ќе биде во ,,сендвич’’ со митинзите, но јас ги известив партиите за датумот на нејзиното одржување, и им кажав да планираат според слободните термини. Сепак, ова ни е голем настан и се одржува секоја година на истите датуми’’ – изјави Чадиев.

Покрај Чолиќ, на питијадата ќе настапат и ДНК, Суперхикс, Џамбо Агушев и оркестарот Агушеви, Рибља чорба, Анастасија Петреска, Тамара Тодевска и други.
Лани, главни ѕвезди беа Жељко Јоксимовиќ и бендот Ван Гог. Општината и тогаш издвои 3,6 милиони денари за организација, а пејачите беа платени од спонзори.

Вики Клинчарова

Поврзани новости