Пари за специјалниот обвинител има, треба да се обезеди и кадровска независност

by Фокус

Партиите денеска на прва средба за клучното прашање од договорто од Пржино. Избор на специјален Јавен обвинител.

На претставниците од Работната група денес ќе им се приклучи и посредникот Џејмс Хамилтон со кој, тие треба да се договорат не само за тоа кој ќе биде специјален јавен обвинител, туку и со какви надлежности и буџет ќе располага истиот.

Министерот за финансии, Зоран Ставревски, рече дека во буџетот има доволно средства за новиот специјален јавен обвинител.

Од друга страна Заев во интервју за неделникот Фокус рече дека очекува целосна независност, обезбедени кадровски, просторни и технички услови за обвинителот.

„Сето она што ќе му обезбеди независност. Имајќи предвид со каков обем на материјал ќе се справува, ќе мора да има свој тим. Затоа се враќаме на 1 септември во собрание, а обвинителот го избираме најдоцна на 15-ти. Во тие 15 дена ќе се подготви и изгласа законското решение за негова целосна автономија. Од успехот на ова решение и домашната и меѓународната заедница ќе може да видат дали чекориме кон независни правосудни институции“

Според лидерот на опозицијата за најмногу три мсеци веќе треба да дојдат првите кривични од специјалниот обвинител.

„Јас сум убеден дека по сите 32 пријави што ги поднесовме има елементи за обвинение. Знаете, власта прво велеше било лепено и креирано. Сега не вели тоа, вели индикации само имало… но „Космос“ не е индикација. Премиерот поттикнал и организирал рушење на објектот. „Космос“ е срушен. Еве ги парцелите на Водно за кои зборуваше, сакаа да градат, па еве ги, градат. Изборните манипулации што се слушнаа во бомбите, па нив ги има и во извештаите на ОБСЕ-ОДИХР, „Мост“, „Цивил“, сѐ е документирано. Прикривањето на убиството на Мартин Нешкоски не е индикација. Тоа беше табу-тема што се расветли. За да ги сочуваат своите луѓе и своите позиции, до крај биле спремни да одат Груевски и Јанкулоска, само да се одржат на своите фотелји. Сите индикации во овој случај се јасно, конкретно и прецизно докажливи, треба храбар, решителен човек кој ќе ги постави првите чекори на независното правосудство како темел на демократските општества во секоја земја“ изјави Заев.

 

Поврзани новости