Парада на смртта

by fokus 14:37
14:37

Ова што го пишувам не се однесува на Никола Груевски, кој има воспоставено систем на партиска подобност и слепа послушност. Кој не го интересира стручноста и експертската подготвеност на лицата кои ги назначува за министри, директори или управници на институции кои самите по себе бараат знаење, владеење соодветни вештини и умеење. Од лидерот на ДПМНЕ, кој дури и туѓата несреќа и личните трагедии на моите сограѓани ја користи за сопствен пи-ар, јас веќе не очекувам ништо.

Пишува: Гордана ПОПСИМОНОВА

Режимска вест на неделата: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го прекина заслужениот одмор во Турција и се вклучи во санирањето на штетите предизвикани од големото невреме.

Немите држачи на микрофони и камери, кои би требало да се викаат новинари, минуциозно и со неверојатна педантност го снимаа секој изговорен збор на лидерот на владејачката партија, кој делеше команди, инструкции и наредби до надлежните државни органи, институции, било да се министерства, агенции, центри, дирекции или претпријатија, што да прават, како да прават и кога да прават.

Во негова непосредна близина беше премиерот Забравам-му-го-името кој час кршеше прсти, час ги прекрстуваше рацете или си ги чепкаше ушите, а најчесто се правдаше пред шефот што не можел да ангажира повеќе луѓе за спасување.

Се правдаа и министрите и скопскиот градоначалник, се правдаа и директорите на јавните претпријатија и првите луѓе на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, некои имаа насолзени очи, а некои драматичен глас, ама никој за ништо не се почувствува одговорен.

Во хор изјавија дека Божја работа било случувањето во вечерните часови на шести август и тоа било многу, многу редок метеоролошки феномен. Тоа го изјави, и тоа без око да му трепне и директорот на УХМР (Управата за хидрометеоролошки работи) кој, патем речено, е најодговорен за неалармирањето за претстојното невреме.

Биланс – повеќе од 20 загинати лица, дел од нив исподавени како глувци во сопствените автомобили на северната скопска обиколница, а дел удавени во сопствените домови во селата Стајковци, Арачиново, Сингелиќ и Смилковци. Наредниот ден до пладне никој немаше поим за ништо, а телевизиите си ги започнаа утринските програми со музика и забава, на чело со јавниот реадиодифузен сервис – МРТВ.

ПРИРОДАТА НЕ ПРОСТУВА ЧОВЕЧКИ ГРЕШКИ

И како што секогаш бидува во една партиски распарталена држава, луѓето од власта вината ја префрлија на природата. И тоа е в ред, ако се гледа од аспект на моќта на стихијата, како што е пожар, поплава или земјотрес. Арно ама, не е проблемот во тоа, туку во неорганизираноста, некоординираноста, некадарноста и неспособноста на целиот расцепкан и фрагментиран систем за превентива, рано предупредување и алармирање на граѓаните. Поедноставно кажано, никој не бара од централната или локалната власт да ја предвиди точната локација или точното количество врнежи (иако за тоа постои УХМР), туку навреме, кооординирано и организирано да настапи за да се намалат жртвите, а штетите да се сведат на минимум.

Треба ли да потсетам дека живееме во време на развиена комуникациска и информатичка технологија и дека 90 отсто од населението поседува мобилни телефони? Треба ли да потсетам дека постојат апликации со кои може населението да се алармира преку смс пораки, преку јавни апели на социјални мрежи, како и преку електронските медиуми за тоа што треба, а што не треба да се прави во вонредни услови? Треба ли да потсетам дека на хартија имаме сложен и нефункционален систем за тревожење кој служи за вдомување партиски кадри?

Треба ли да потсетам дека поројните дождови траеја три и пол часа, а не 10 минути и дека за сето тоа време никој ништо не презеде? Треба ли да потсетам дека до 22 часот на влезот на северната обиколница немаше полициска блокада, иако трагедиите со изливот на водата преку патот се случуваа цел час порано?

Ако не беше она момче од Тетово кое самоиницијативно и на сопствен ризик истрчуваше пред автомобилите убедувајќи ги возачите да не влегуваат на обиколницата (неофицијално дознав дека пренасочил два автобуси преполни со туристи), ако не беше оној анонимен косовски камионџија кој во своето возило ги товареше преплашените семејства чии возила веќе биле понесени од брзаците, ако не беа оние момци од Стајковци кои организирано ги враќаа возилата наназад кон клучката кај Белви, или ако не беа оние смели луѓе кои со јажиња и со човечки ланец спасуваа туѓи животи, бројката на загинати ќе беше барем неколкукратно поголема.

Да се петелчиш дека си претседател на владејачка партија, дека си шеф на сите шефови, дека ти си тој што ја држи ситуацијата под контрола и дека ти си тој што се грижи за својот народ, не значи да плаќаш погребни трошоци, да се шеташ меѓу урнатини, ридови од нанос на свлечишта, превртени автомобили и да мавташ со рацете како сообраќаец давајќи им инструкции на оние што треба да го работат она за кое што се платени.

Присуството на државата не е само во пост фестум активностите, како што е санирањето и надоместот на штетите, туку и во превентивните и теренски активности за спасување човечки животи. А тогаш и таму кај што требаше, ја немаше. Ја немаше УХМР да алармира, го немаше ЦУК (Центар за управување со кризи) да координира, ја немаше ДЗС (Дирекција за заштита и спасување) да излезе на терен, го немаше МВР, го немаше МО (дури околу полноќ армијата беше активирана), немаше ПП бригади, ги немаше комуналните градски служби за водовод и отстранување заглавени возила (пајак – службите), ја немаше Македонија пат, немаше ништо.

Во мрачната ноќ на шести август, луѓето од јужните падини на Скопска Црна Гора и сите оние кои случајно се беа затекнале таму, немаа држава. Се имаа само самите себе. Да си ги спасуваат голите животи, да се помагаат едни со други, да се тешат и да се охрабруваат. Дваесетмина од нив, ја немаа таа среќа. Тоа е голата вистина и од неа бегање нема.

ТРАЈНО ИЗНЕНАДЕНИ

За сé е виновна природата. И во зима кога ќе нé изненадат снеговите, и во лето кога ќе нé зачудат пожарите и во останатите годишни времиња кога ќе нé запрепастат поплавите. Секој метеоролошки феномен е специфичен, посебен и уникатен, кој сепак, може да се предвиди. Дури и земјотресите. Сите тие не можат да се спречат, ама може да се превенираат последиците и да се намалат штетите од нивните разорни дејства. А тогаш кога ќе дојдат по своето, е токму тогаш се гледа која држава колку е држава, тогаш на виделина излегува организираноста на едно општество кое му служи на граѓанинот, а не на лидерот на владејачката партија и на неговата клика.

Ова што го пишувам не се однесува на Никола Груевски, кој има воспоставено систем на партиска подобност и слепа послушност. Кој не го интересира стручноста и експертската подготвеност на лицата кои ги назначува за министри, директори или управници на институции кои самите по себе бараат знаење, владеење соодветни вештини и умеење. Од лидерот на ДПМНЕ, кој дури и туѓата несреќа и личните трагедии на моите сограѓани ја користи за сопствен пи-ар, јас веќе не очекувам ништо.

Не очекувам, затоа што при големите пожари во 2007 година, хеликоптерите со ведра не полетаа затоа што немало набавено масло за нивните мотори, затоа што голем дел од возилата на ПП бригадите низ внатрешноста на земјата се стари фапови од пред 40-тина години, затоа што одводните канали се чистат дури откако ќе се случат поплави, затоа што шумите се узурпираат за градење згради на потенцијални свлечишта, затоа што никој жив веќе не знае дали новоизградените колективни станбени објекти ги задоволуваат основните безбедносни стандарди, затоа што се инвестира во барокни фасади, а не во атмосферска канализација, или, пак, затоа што и оние неколку ер-трактори (авиони за гаснење пожари) не се во функција затоа што немало пари за нивно сервисирање. Според мене, груевизмот само по себе е поплава која мора што поскоро да се санира.

Целта на овој текст, поведена од големата трагедија со поплавите, е содржана во пораката за сите идни претседатели или премиери: луѓе, бата лете ги партиите! Не може да се води држава во која професорите по книжевност се таксисти, архитектите – водоводџии, економистите – продавачи на тезги, правниците – возачи на кипери или лекарите – праматари. Со должна почит кон овие занимања кои се чесни и достоинствени, не смее да се дозволи приучени, натурализирани кадри, само заради својата партиска лојалност да водат одговорни институции. Само од стручни луѓе може да се бара стручен ангажман и одговорност. Тие ја претставуваат државата во неволја, а не политичарите. Политичарите не се вест на денот.

Поврзани новости