Саксофонистот Горан Папаз на покана од Католичката црква ќе настапи пред папата Фрањо за време на неговата посета во Скопје утре, на седми мај.
Настанот ќе се случува во дворот од Католичката црква „Пресвето Срце Исусово” каде што папата ќе има екуменска и меѓурелигиска средба со младите.
Папаз ќе биде гостин на црковната музичка група „Агапе” и тие ќе се претстават со три композиции.
Горан по потекло е од Охрид. Беше член на групата Суперхикс од 2009 до 2013 година, во времето кога излезе албумот „Африка”.
Има редовни настапи, а познат е по тоа што компонира и изведува музика специјално изработена за саксофон.
Уште како дете го привлекувала музиката, а во претходно интервју раскажа дека кога имал пет години во нивната куќа во Охрид летувал музичарот Зоран Џорлев, кој го забележал неговиот талент. Пред да си оди и оставил аманет на мајка му да го запишат во музичко училиште кога ќе дојде време.
-За настап пред папата добив покана од Католичка црква, секако дека се согласив веднаш. Ќе се свират три песни со текст во кои се слави името на Господ, јас им помагав околу аранжманот и ќе свирам соло во секоја од нив. Песните звучат како класични поп хитови. Одлично искуство за мене, ова ми е награда за досегашниот труд и мотив за понатаму – изјави за „Фокус” музичарот.
Вики Клинчарова