Папата Франциск се сретна со шиитскиот духовен лидер Систани

by Fokus

Како дел од неговата прва посета на Ирак, папата Франциск денеска оствари средба со големиот ајатолах Али Систани, врховен верски водач на шиитите, кај кого апелираше на важноста од одржлив соживот во земјата опустошена од насилство и секташки конфликти

Средбата во светиот град Наџаф, за време на оваа многу ризична турнеја на папата во Ирак, претставува прва и историска средба на папа и највисок шиитски духовен водач. Државната телевизија Ехбарија го покажа големиот конвој на папата како се движи низ Наџаф, додека децата стоеја покрај патот веејќи со ирачки и ватикански знамиња, пренесуваат британските медиуми.

По 55-минутната средба со Систани, папата Франциск се упати кон урнатините на античкиот град Ур, што се смета за роден град на Абрахам, татко на јудаизмот, христијанството и исламот, каде требаше да одржи говор на меѓуверски состанок. Потоа, папата ќе се врати во Багдад, каде што денеска треба да ја води мисата во катедралата „Свети Јосиф“.

Систани е една од најважните фигури во шиитскиот ислам, како во Ирак, така и на други места во светот. Овој 90-годишник ретко одржува состаноци и одбива да разговара со ирачки актуелни и поранешни премиери, велат блиски официјални лица.

Систани се согласи да се сретне со папата, но без присуство на ирачки официјални лица, изјави извор од претседателскиот кабинет.

Средба со папата Франциск се одржа во скромниот дом на Систани во Наџаф, каде тој живее со децении.

 

Поврзани новости