Текстот е објавен на 9 јули, 2014 година
Ретко во медиумите, во последниот период може да се забележи изјава од лекар, па макар, ако се работи и за некое стручно прашање поврзано со нивната работа. Белите мантили повеќе јавно не коментираат на ниту една тема, која може да им наштети на работата, да добијат отказ, намалување на платите или, пак, да ги снајде судбината на очниот хирург Дејан Ставриќ, која заврши една година зад затворски решетки.
И покрај скриеното незадоволство од здравствените реформи на министерот Никола Тодоров, како „мој термин“ и „плаќање по успешност“, кои и според лекарите и според пациентите направија тотален хаос во болниците, сепак никој не се осмелува тоа гласно да го каже. Пред неколку дена побаравме од еден лекар, да ни даде стручна изјава – дали е зголемен бројот на мозочни и срцеви удари во летниот период? Но, повратен одговор и на таа тема не добивме.
Еден од поретките лекари, кој се уште јавно зборува за проблемите во јавното здравство е абдоменалниот хирург Милчо Пановски, кој без влакна на јазикот тврди дека здравството е во лоша состојба, а лекарите се толку уплашени, што не смеат глава да кренат.
– Лекарите треба да имаат јајца и да го кренат својот глас. Состојбите во здравството се лоши и ако ние тоа не го кажеме, нема кој да го каже. Или се плашат да не им чуваат нешто во фиока, па ако јавно прозборат, да излезе од таму. Меѓутоа, најинтересно е што на повеќето од лекарите им одговара ваквата ситуација. Затоа и молчат – тврди доктор Пановски.
Со сличен став како него е и ортопедскиот хирург Тодор Ношпал, кој, баш поради тоа што јавно ги критикуваше проблемите на Ортопедската клиника, пред две години доби отказ.
– Лекарите не смеат да даваат изјави бидејќи им е страв да не завршат како мене и како Ставриќ. Со молчење нема да постигнат ништо. Меѓутоа, ако кај едни лекари, стравот е главна причина, кај други е како да се сместат на функции, на пример во Собрание. Тие учеле за лекари или за политичари. Повеќе ги има во Собранието, отколку во болниците. А, што е најжално и таму не прават ништо за подобрување на условите во здравството, само земаат плати – истакна доктор Ношпал.
Последен пат, лекарите го кренаа својот глас против проектот плаќање по успешност на генералниот штрајк пред година ипол, каде предводник им беше тогашниот прв синдикалец, очниот хирург Дејан Ставриќ.
Ирена МУЛАЧКА