Премиерот Заев најави посети на Брисел и Бугарија

by fokus

Претседателот на македонската Влада, Зоран Заев, најави посети во Брисел и Бугарија. Тој следниот понеделник заедно со заменик премиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи, како и министерот за надворешни работи Никола Димитров и повеќе советници, ќе ја реализира својата прва посета како премиер на Македонија на седиштето на ЕУ во Брисел.

Премиерот во Брисел ќе разговара со еврокомесарот Јоханес Хан за реформските приоритети на Владата и спроведувањето на извештајот на Прибе, како и за извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија.

Заев истакна дека очекува да има средби и со други високи претставници на ЕУ, за како што рече, да ги сублимираат очекувањата на ЕУ и работите што ќе се спроведат во Македонија да бидат прецизни, точни и навремени и согласно очекувањата прво на граѓаните, а потоа и на ЕУ.

„Сите овие посети и најави значат засилена активност прво внатре во државата и со помош на пријателите од ЕУ и од соседните земји да ја придвижиме Република Македонија кон полноправно членство во НАТО и ЕУ“, изјави премиерот Заев.

Премиерот најави и дека веднаш по оваа прва посета надвор од Македонија, очекува дека ќе ја посети и Софија бидејќи, како што рече, Бугарија од 1 јануари следната година го презема претседавањето со ЕУ и е целосно подготвена да и помогне на Македонија во инегративните процеси.

 

Поврзани новости