Пандемијата го врати во мода подзаборавеното одење на гости, несовесните собирања по домовите не запираат

by Fokus

Една од мерките за да се намали преносот на Ковид-19 е и ограниченото работење на угостителските локали до 21 часот. Сепак, оние кои не сакаат по никоја цена да се откажат од дружење и алкохол, и покрај сите предупредувања и забрани, изнаоѓаат начини да си ,,истераат” по свое, па така периодов се попопуларни стануваат седенките со друштво во домашна атмосфера.

На социјалните мрежи, посебно за викенд, не недостасуваат фотографии од такви дружби, собири за родендени, семејни слави, па дури и настани на кои има жива музика. Во саботата вечерта, во период од 18 до 24 часот полицијата во Кавадарци фатила дури четворица возачи под дејство на алкохол, кои се враќале со возилата од такви собири. Во Велес пак, во истиот период биле фатени седум возачи под дејство на алкохол, кои исто така во домашна атмосфера си пиеле во друштво.

Како потсетување, во Кавадарци до вчера имаше 496 активни случаи на вирусот, а пак во Велес дури 718. Бројот на лица кои се во изолација поради близок контакт со позитивно лице е речиси за два пати поголем. Сепак, останува несериозниот пристап кон пандемијата од страна на голем број на граѓани, кои не сакајќи да се откажат од социјализацијата во вечерните часови, го занемаруваат ризикот од пренос на болеста, и го враќаат во мода подзаборавеното одење на гости.

Ако до пред почетокот на пандемијата актуелни беа носталгичните приказни за минатите времиња, кога наместо во кафеани, најчесто луѓето се дружеле во домовите, сега во време кога токму таквите собири не се препорачуваат и се апелира да не се случуваат, како за инает, или пак како единствена опција за неодговорна забава во друштво во вечерните часови, пак стануваат актуелни.

-Им дале решение за изолација поради контакт со позитивно лице, тие за да не им биде здодевно дома, си канат гости, гостите им доаѓаат на седенка, и покрај тоа што знаат каква е состојбата – вели лекар од Кавадарци, потенцирајќи дека со несериозноста на одредени поединци само се прави штета на целото општество, а најчесто жртви се повозрасните членови на семејствата, кои дури и не излегуваат од дома, но блиските се случува да им го донесат вирусот.

-Не можат да се откажат од кафеани, не можат да се откажат од одење по куќи, таму каде се седи еден крај друг без маски, токму таму е најголемата опасност од инфекцијата, вели тој. Кога на почетокот на октомври Комисијата за заразни болести најави дека до Владата ќе предложи мерка за забрана на семејни собири и прослави, и во едно живеалиште да може да се примат најмногу четири гости, голем дел од јавноста бурно реагираше. Се коментираше дека се кршат човековите права и слободи, се нарушува приватноста во домовите, а актуелни беа и прашањата како би се реализирала мерката, и според кои насоки би постапувала полицијата.

По бурните реакции оваа мерка не стапи на сила, и покрај тоа што министерот за здравство Венко Филипче предупреди дека анализите покажуваат како сериозен број од новозаразените се од такви настани. И додека „светоста” на домот во ек на панедмија е зачувана и никој не смее да ги контролира седенките и бројот на гостите, се почесто забавите од угостителските локали, по ниво затворање се префрлаат во домовите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости