Стресот од испрашувањето е помал онлајн, ама нема замена за училишните клупи

by fokus

ОНЛАЈН-НАСТАВАТА ФУНКЦИОНИРА ЗА ТИЕ ШТО ИМААТ УСЛОВИ

Два месеци откако почна учебната година, средношколците и професорите полека, но сигурно се прилагодуваат на учењето на далечина. За разлика од минатата учебна година, сега ситуацијата со онлајн-наставата не е толку хаотична, но недостигот од уреди, стабилен интернет и социјална интеракција остануваат главни проблеми.  Националната платформа за далечинско учење најчесто се користи како мост, а часовите се одржуваат на платформата „Мајкрософт тимс“.

Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Од почетокот на оваа учебна година, онлајн-наставата се одвива по распоред, еден час трае по 35 минути и учениците имаат пауза од 5 минути меѓу секој час, за да можат да влезат во следната „онлајн-училница“. Сепак, онлајн-училницата не е замена за таа во училиштата.

Учениците од неколку скопски средни училишта со кои разговараше „Фокус“ се согласни дека онлајн-наставата може да функционира, меѓутоа не може да биде замена за училишните клупи. Проблем им е седењето пред компјутер по седум часа на ден, како и недостигот од директна интеракција со соучениците и професорите. За дел од предметите, учењето на далечина функционира добро, но за дел, како математика и физика, процесот е отежнат.

Мене лично ми е доста потешко вака, бидејќи, пред сѐ, комуникацијата е намалена. Мошне долго време седиме пред компјутер, лаптоп, телефон, и тоа многу ме изморува. Предметите, како математика и физика, се многу потешки вака, отколку со физичко присуство, каде што може подобро да се објасни, но секако мораме да се прилагодиме“, вели средношколката Луна Аврамовска од СУГС „Орце Николов“.

СТРЕСОТ ОД ИСПРАШУВАЊА И ТЕСТОВИ Е ПОМАЛ

Како еден од најпозитивните аспекти од онлајн-наставата, учениците и професорите го издвојуваат моментот на испрашување и правење тестови. Имено, учениците чувствуваат помал стрес и притисок кога на ред доаѓа испрашување, за разлика од кога тоа се одвивало со физичко присуство.

Средношколката Славенија Поповска од СУГС „Јосип Броз – Тито“ вели дека поради целата ситуација и професорите имаат поголемо разбирање.

„Според моето искуство, до сега една позитивна страна е тоа што подобро се снаоѓам на овој начин кога сме со онлајн-настава и би кажала дека стресот за испрашувања и тестови ми е на пониско ниво во однос на тоа кога сум со физичко присуство во училиште. Мислам дека тоа е бидејќи и професорите имаат поголемо разбирање за ситуацијата во која се наоѓаме сите“, вели Поповска.

Професорката по македонски јазик и литература во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“, Роска Јовановиќ вели дека имало и ситуација кога ученик кој имал двојка додека траела класичната настава, за време на онлајн-наставата се ослободил и почнал многу полесно да се вклучува во дискусија и да одговара.

Имав ученик кој имаше двојка додека имавме настава со физичко присуство. Не се вклучуваше во дискусија, ниту, пак, можеше да одговара во целост. За време на карантинот, со онлајн-наставата, ученикот доби петка. Се ослободи од притисокот од директно испрашување, дури и редовно се вклучуваше во дискусија при обработка на делата и заслужено ја доби крајната оцена. Испрашувањето го правев без вклучена камера заради психолошкиот момент.

А, исто како и на наставата со физичко присуство, така и на онлајн-наставата, точно знаете кој отвора учебник, пребарува, чека да му потшепнат. И без камера, слушате шепотење од „паралелната зум- конференција“, типкање на тастатура, ќе се згреши месинџер-групата и одговорот пристигнува во мојата група“, вели професорката Јовановиќ.

ЧАСОВИТЕ СЕ ОДРЖУВААТ НА „МАЈКРОСОФТ ТИМС“

Националната платформа за далечинско учење е во функција, но најчесто се користи како мост за учениците да се приклучат на платформата „Мајкрософт тимс“. Учениците ги добиваат информациите за приклучување на националната платформа, а потоа од таму се пренасочуваат на „Мајкрософт тимс“, каде што се одржуваат часовите, односно двонасочната комуникација.

Прво се логирам на националната платформа (lms.schools.mk), од таму се приклучувам на календарот и само кликам join class. Откако ќе се кликне на тој линк, директно ме префрла на Мајкрософт тимс. Може преку Гугл хром и преку апликацијата. Исто така може директно да се приклучиме на часот преку Мајкрософт тимс,“ објаснува средношколката Николија Златевска од средното училиште „Васил Антевски – Дрен“.

За разлика од почетокот на учебната година кога имаше проблеми, сега функционалноста на националната платформа е подобрена, но на професорите и на учениците им треба време да ги научат нејзините функции.

„Што се однесува до мене, јас добро се снаоѓам, зашто за време карантинот ги одржав сите часови и ја реализирав предвидената програма во целост. Платформата нуди одлични можности, но треба време да се истражи, испроба, „извежба“. Кусо е времето, затоа одам со претходниот начин на работа: есеј по мејл, испраќање материјали (за време карантинот само со сликање, што одзема многу време, но и читањето е потешко) на месинџер-групите, а сега комбинирано со Тимсот, додека ги извежбам алатките на платформата“, вели професорката Јовановиќ.

ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ Е НЕДОСТИГОТ ОД УРЕДИ

И покрај сите предизвици што ги носи учењето на далечина, сепак, функционира. Но, за тие што имаат услови за тоа. Главен проблем останува недоволниот број  уреди за следење на онлајн-наставата. Дел од учениците немаат ниту еден уред во семејството и тие воопшто не ги следат онлајн-часовите.

Од владата велат дека, со цел да се овозможи учениците непречено да ја следат наставата, преку различни институции се обезбедуваат технички помагала во континуитет.

„Како надлежна институција, правиме сѐ, секое дете да се чувствува еднакво со другите. Се обезбедуваат уреди, интернет, компјутери, бидејќи во некои училишта сѐ уште нема соодветни приклучоци за струја и за интернет, има и семејства што немаат и не можат да обезбедат интернет“, посочуваат од владата.

Од Министерството за образование и наука (МОН) објаснуваат дека локалните самоуправи и компаниите, во рамките на општествената одговорност, континуирано обезбедуваат компјутерска опрема за учениците од социјално ранливите семејства.

Бројот на ученици што немаат уреди за следење онлајн-настава секојдневно се намалува, како резултат на ангажманот на локалните самоуправи, самите училишта, но и компаниите. МОН наскоро ќе излезе со попрецизни бројки за колку е намален бројот на учениците што се без уреди. За учениците што немаат уреди, наставата се реализира преку 15-минутни часови на Националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им достават печатени материјали и да го следат индивидуалниот прогрес на секој од овие ученици“, велат од МОН.

Проблем има и кај тие семејства што имаат еден уред, а повеќе деца. Кога ќе дојде време за онлајн-часовите, се јавува проблем кој ќе го користи уредот. Ист проблем се јавува и кај професорите.

Главен проблем е алатот, односно лаптопи и интернет/рутери. И наставниците немаат добри лаптопи. До солзи е работата кога кочи, не одговара да се инсталира одредена алатка (толкава му е можноста), кој прв да дојде на ред (што кај мене сме двајца и сопругот ми го отстапи неговиот лаптоп, а му треба… а што е со другите семејства?).

Работиме од училници, меѓутоа интернетот паѓа, часот тече, па вклучуваме од нашите мобилни телефони (што не е во ред – како меѓу учениците, така и меѓу нас немаат сите добар и доволно интернет), затоа што мора да се реализира програмата и да се оцени ученикот. Минатата недела смрзнавме, бидејќи се исклучуваше греењето попладне. Неделава пуштија млако парно, инаку искрено планирав да си понесам поларно ќебе“, објаснува професорката Јовановиќ.

АНАЛИЗИ ЗА  ЕФЕКТОТ ОД ОНЛАЈН-НАСТАВАТА

Младинскиот работник и програмски координатор од Здружението за едукативен развој Еквалис, Ангел Димитриевски вели дека преку нивниот секојдневен контакт со средношколците дошле до заклучок дека постои поголема структурираност на онлајн-наставата во споредба со минатата учебна година. Структурираноста оди главно во поглед на придржување до термините и распоредот на часови, а главните проблеми сѐ уште остануваат од техничка природа.

„Заклучокот е, сепак, дека младите во моментов се презаситени од онлајн-учење и предизвикот е да се задржи нивното внимание. За ефективноста од ваквиот начин на учење очекуваме да видиме и релевантни анализи од самите институции, кои ќе го проверат ефектот на спроведување на онлајн-наставата, предностите и недостатоците – она што верувам ќе биде корисно и откако пандемијата ќе заврши да се има како информација“, вели Димитриевски.

Од МОН велат дека Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат на дневна основа го следат спроведувањето на онлајн-наставата, како и нејзината успешност. Напоменуваат дека мора да се има предвид дека наставната програма е скратена и се работи во услови на пандемија. Сѐ уште нема најава кога ресорното Министерство ќе излезе со конкретна анализа за ефектите од онлајн-наставата.

МОН: 90 ОТСТО ОД УЧЕНИЦИТЕ ЈА СЛЕДАТ ОНЛАЈН-НАСТАВАТА

Според најновите податоци на Министерството за образование, 90 отсто од учениците ја следат онлајн-наставата. Ова е зголемување за 20 отсто во споредба со почетокот на учебната година, кога онлајн-наставата ја следеле 70 отсто.

„Од почетокот на учебната 2020/2021, бројот на ученици што успешно учат онлајн постојано расте. Во моментов, 90,2 проценти од учениците на ниво на цела држава успешно следат онлајн-настава“, велат од МОН.

Поврзани новости