Панчевски пред тужбата од Џолев барал негово разрешување

by fokus

Претседателот на судот Владимир Панчевски, два месеци пред да добие кривична пријава од страна на судијата Иван Џолев, поднел дисциплинска постапка против него, јави Телма.

Панчевски ја поднел претставката против Џолев до Советот за утврдување на факти, со која побарал негово разрешување поради непочитување на работната дисциплина.

После тоа, Џолев ја поднел кривичната пријава во Основното јавно обвинителство Скопје против Панчевски поради кривично дело „поврзано со влијание врз судија за да преземе одделни незаконити дејствија“.

-Денес настапувам како граѓанин, индивидуа, како судија на Кривичниот суд кој се залага за владеење на правото и правната држава, а во смисла на чл.103 од Судскиот деловник. Верувам дека Јавното Обвинителство сериозно ќе ја разгледа кривичната пријава и во најбрз можен рок ке преземе процесни дејствија во врска со пријавата. Верувам и во судството и во Кривичниот суд, во моите колеги и верувам дека овој преседан односно исклучок само ќе потврди дека судиите во овој суд судат согласно законите и се залагаат за владеење на правото- рече судијата Џолев во својата писмена изјава.

Панчевски изјави дека не се сеќава за што би можел да го тужи Џолев, бидејќи како што тврдеше, со него немал контакт две години.  Тој ги отфрли обвинувањата и тврди дека тужбата против него е нарачана политичка кампања против неговиот углед.

 

Поврзани новости