Првоосомничениот за организирање и извршување на двојните убиства на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчо беше поврзан со елементи кои работеа на проруската агенда во Македонија, изјави претседателот Стево Пендаровски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
На прашањето за надворешни влијанија врз Палевски и луѓето околу него, Пендаровски одговори:
„Во делот на сознанија, значи непотврдени во судски процеси, бидејќи такви нема, првоосомничениот беше поврзан со елементи кои работеа на проруската агенда во Македонија. За жал, според истите сознанија, тој беше поврзан и со некои високи црковни великодостојници во МПЦ“.
Прашан дали може тие влијанија да се поврзат со двојното убиство, Пендаровски вели дека досега не видел таков податок.
-Треба да шпекулирам во рана фаза на случајот, не можам да видам досега од она што е јавно познато како податок. Да оставиме, сепак, судскиот процес да си го направи своето. Многу е битно првоосомничениот да дојде, да го соочите со овие тројца обвинети кои се сега во притвор за да се види дали тие нивни вербални искази кои ја префлраат вината кај него се точни. Само низ таква контрадикција во судската постапка можеме да ја дознаеме вистината за случајот и се разбира, многу странични експерти кои ќе бидат сигурно ангажирани – психијатри, психолози, социолози, бидејќи е неопходно мултидисциплинарно истражување на овој случај кој не е само судски и не е само политички или врзан со некакво параразузанвачко милје, туку е сигурно врзан со некои процеси кои се случувале во главите на тие нелуѓе, рече Пендаровски.
Тој нема никакви сознанија со кого некогаш се среќавал амбасадорот во Словенија, Горан Милевски, иако според Уставот и законите, шефот на државата го потпишува указот за назначување амбасадор на предлог на Владата.
-Да бидеме реални, Палевски беше и претседател на некаква помала партија, претпоставувам се среќавал и со новинари и со лидери на политички партии во тој период кога никој од тие негови соговорници не можел да претпостави, дека тој, сега пак претпоставуваме – ќе биде двоен убиец за година-две од тој период. Во предлогот на Владата за Горан Милевски имаше само најдобри квалификации зошто тој треба да биде наш амбасадор во Словенија и јас го прифатив тој предлог. Ако Владата посака да го враќа, мора да ми прати повторно предлог и да биде образложено зошто овој пат бара негово враќање, па како крајна инстанца да одлучам, рече Пендаровски откако премиерот Димитар Ковачевски изјави дека го прашал и францускиот претседател Емануел Макрон дали знае кого примаат на гости во француската амбасада во Скопје.