Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда за случајот на СЈО „Триста“, односно за спорната набавка на МВР со која биле набавени 300 возила, и случајот го врати на повторно судење.
Обвинет во овој случај, за злоупотреба на службената положба и овластување, беше помошник министерот во МВР, Ѓоко Поповски, кој беше осуден на 9-годишна казна затвор.
Адвокатката Сања Алексиќ ни изјави дека сѐ уште не ја добиле пресудата на Апелација, но биле информирани дека е укината, бидејќи биле известени дека Поповски од затворот „Идризово“ е вратен во истражниот затвор „Скопје“, зошто второстепениот суд му одредил мерка притвор.
-Деталите и насоките од второстепениот суд ќе ни бидат познати дури откако ќе ја добиеме пресудата, ни изјави адвокатката Алексиќ.
Првостепената пресуда беше донесена во мај годинава, од страна на судијката Добрила Кацарска.