Заев: Се сомневам дека Мицкоски е вмешан во бегството на Груевски, нека каже зошто претходно се сретна со Вучиќ и Орбан

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, вели дека постојат информации кои упатуваат на основано сомневање дека лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, е вмешан во бегството на осудениот екс премиер, Никола Груевски. Според Заев индикативно е тоа што непосредно пред бегството Мицкоски се сретнал со Вучиќ и Орбан, а при тоа немало информации за што се разговарало на тие средби.

Во гостувањето во емисијата „Отворено“ на ТВ24, премиерот синоќа изјави дека Груевски бил 10 години премиер и имал луѓе кои можеле да му помогнат за да ја напушти Македонија.

-Но тоа било потпомогнато и од надвор. Јавно го отворам прашањето. Мицкоски претходно направи посета со Вучиќ и Орбан, разговараше, не кажа за што разговарал. Србија даде лист со лична карта да се влезе во ЕУ, сакам да знам зошто тоа, кој тоа го договорил, дали е таму тоа договорено на тој состанок или не, тоа го прашувам јавно оти немам можности како тоа да го истражам, немаме служби ние во Србија – изјави Заев.

На прашање дека сепак по него немаше распишана меѓународна потерница и дека тој можел да ги помине границите со лична карта, Заев додаде:

-Но со лична карта може да помине овде каде што е дозволено, со лична карта не може да влезе во земја членка на Европска Унија. Некој му издал дозвола од Белград за да влезе таму, некој му асистирал, а претходно господинот Мицкоски се виде и со Орбан и со Вучиќ. Не објави за што разговарал – рече тој.

„Имплицирате дека Мицкоски е вмешан во бегството на Груевски“ – беше прашан Заев, на што одговори.

-И те како имплицирам. Се сомневам затоа што тие се фактите. Врз основа на сите информации што ги имам имам право да се сомневам. Нека излезе тој да каже зошто Вучиќ се врати од Турција само за да се види од него, зошто беше во Унгарија (Мицкоски) а не објави ништо. Сигурно не разговараа за конгресот и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе биде отстрането. Ова го кажувам затоа што на крајот сака човекот и политички поени да ќари од бегството на неговиот бивши лидер на кој му беше советник, и се направја еден куп зулуми во државата – рече Заев.

Поврзани новости