Родителите на матурантите испратија отворено писмо до Министерството за образование во кое бараат средба со првиот човек на овој ресор Абдулаќим Адеми, сакајќи да ги искажат нивните ставови, за воведувањето математика како трет задолжителен предмет. Веќе неколку денови, средношколците од повеќе градови низ земјава протестираат против ваквата одлука. Ви го пренесуваме интегрално писмото на родителите:
Почитуван Министре,
Ви се обраќаме со отворено писмо со цел да Ви укажеме на проблемите и грижите со кои се соочуваме како родители на ученици, кои оваа учебна година се матуранти и да Ви ги упатиме нашите ставови и мислења, по основ на новиот концепт на Државна матура кој стапи на сила оваа година.
На почетокот на второто полугодие се објавија дополнителните измени на концептот на државната матура. Според нив, воведена е математика и нашите деца сите три задолжителни предмети ќе ги полагаат по двапати – еднаш во писмена форма и еднаш во електронска форма! Освен тоа, беше истакнат и нов календар за полагање на испитите:
*македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература: писмен дел на 6 јуни со почеток во 10 часот електронски дел на 10 јуни со почеток во 8:30 часот
*англиски јазик, француски јазик, германски јазик и руски јазик: писмен дел на 12 јуни со почеток во 10 часот електронски дел на 13 јуни со почеток во 8:30 часот
*математика: писмен дел на 15 јуни со почеток во 10 часот електронски дел на 16 јуни со почеток во 8:30 часот
*хемија, физика, биологија, историја и бизнис: електронски дел на 18 и 19 јуни со почеток во 8:30 часот
Почитуван Министре,
Изразувајќи го, како родители, нашиот револт од постојаните недоволно обмислени, непроверени на терен и набрзина воведени промени, без ,,пилот проект,, и ,,пробна матура,,за нов начин на изведување на матура со воведување математика,без да се земе предвид можниот, а со оглед на се и многу веројатно негативниот ефект врз нашите деца, нашето обраќање до Вас ќе го сублимираме во три точки и ќе Ве прашаме:
*можете ли да разберете дека нашите деца кога се запишуваа во гимназија не беше воведена математика како задолжителен екстерен предмет кој ќе се полага за матура?Сметаме дека многу матуранти поради ова нема да ја положат успешно матурата.Токму затоа ги подржуваме нашите деца во нивните барања ,,Не математика за матура,,
*можете ли да разберете дека се ставени во ситуација во рок од 20-дена да полагаат 7 испити(по двапати секој од трите екстерни предмети и еден интерен)?
*можете ли да го прифатите фактот дека ниту во техничка смисла, училиштето не е опремено со доволен број на кабинети со компјутери, за да можат сите ученици да полагаат во исто време? Не е ли тоа ставање на децата во нерамноправна положба, ако не можат сите да полагаат истовремено и на исти прашања и по тежински новоа на прашањата како што беше до минатата учебна година?
Предлагаме: математика да не полагаат учениците кои беа затекнати веќе како запишани ученици во гимназија ,со новите измени во законот за државна матура.
2. Да се врати стариот начин на полагање ,значи да нема електронско полагање по предметите англиски јазик и македонски јазик ,како и интерниот предмет , и да бидат застапени прашања по тежински нивоа.
Почитуван Министре,
Како родители бараме средба со Вас за конструктивни разговори, соработка во секој поглед и акции со цел да придонесеме за разрешување на оваа конфузна состојба и барање излез кој ќе биде во интерес на нашите деца.“, се вели во писмото на родителите на матурантите од генерација 2014/15 година од Република Македонија од сите етнички заедници.