Заедно со најавата дека професорскиот и студентскиот пленум денеска пред собранието ќе оддржат отворено заседавање против измените на Законот за високо образование, стотина академци и професори испратија отворено писмо со пратениците да ја запрат понатамошната постапка за донесување на овие законски измени, кои предводуваат полагање на државен испит и казни за професорите и деканите доколку издадат диплома без ваквата дополнителна проверка на знаењето на студентите.
„Тоа се предлог- закони за чиј концепт и за чии текстови предлагачот во кратки рокови побара мислење од единиците на универзитетите и кои мнозинството од нив недвосмислено ги отфрлија како противуставни, нехумани, штетни, скудно и противречно составени, како полни со недоследности и со нелогичности, како неспроводливи и, најважно од сè, како средства за конечно уривање на универзитетската автономија. Меѓу другото, студентите и академската заедница побара да се напуштат тамошните решенија и да се одложи донесувањето на овие закони, а постапката да се врати на почеток за да се стави на здрави нозе и заеднички со студентите и со академската заедница да се согледаат корените и причините за проблемите во високото образование, и тоа со анализа во која ќе се вклучат сите фактори за да може да се дојде до најделотворните решенија за нашиот високо бразовен систем со сосема нов закон. Но, предлагачот и Владата не ги сочека ниту овие мислења и, пред воопшто да измине рокот што самите им го дадоа на универзитетите, ги усвоија предлозите и ги проследија во собраниска процедура“, пишуваат тие во писмото.
Професорите велат дека доколку пратениците го изгласаат овој закон, претседателот Ѓорге Иванов треба да го искористи правото за вето, а доколку и тоа не се случи, единствено што им останува е граѓанскиот отпор.