Одложено судењето за убиството на матурантот Ангел

by fokus 11:22
11:22

Во Кривичниот суд денеска се одложи судењето за убиството на 18-годишниот Ангел Петковски, бидејќи адвокатот на обвинетиот за убиство, Ангел Ѓорѓиев, во истиот временски термин имал друг предмет од организиран криминал.

Во судница денеска не беше спроведен ниту обвинетиот Насер Е., но присутни беа родителите на убиениот матурант.

- Advertising -

-Постапката течеше коректно, обезбедени се материјалните докази, како и сведоци. Родителите за жал се уште не можат да се соземат од овој трагичен настан, рече адвокатот Звонко Давидовиќ, кој го застапува семејството на Ангел.

Адвокатот на обвинетиот Ѓорѓиев истакна дека бил ангажиран неодамна, поради што допрва морал да направи увид во доказите.

-Треба да ги погледнеме доказите и снимките, бидејќи тие беа презентирани во истрага, а јас тогаш не бев ангажиран. Го оспоруваме обвинетието, па затоа и ќе побараме да се вклучат две технички лица кои ќе извршат вештачење, истакна адвокатот Ѓорѓиев.

Тој не сакаше да ја открие стратегијата на одбраната, односно не одговори на прашањето дали неговиот клиент ќе се брани со тезата дека убиството го сторил во самоодбрана. Додаде само дека се уште не е пронајдено оружјето со кое беше усмртен Ангел.

На обвинетиот му се заканува казна затвор од најмалку 5 години, за убиство со умисла, а дополнително ќе се гони и за тешка кражба.

Трагичниот настан се случи на 19 мај годинава, во скопсктата населба Ѓорче Петров.

Наредното судско рочиште е закажано за 21 јануари, наредната година.

 

 

Поврзани новости