Отворен граничниот премин Стрезимир-Рестелица

by fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со вицепремиерката на Република Косово, Емилија Реџепи и косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла денеска го пуштија во употреба времениот граничен премин Стрезимир-Рестелица на границата помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово.

Овој граничен премин ќе биде отворен за минување на граѓаните од двете земји од денеска до септември, секој ден од 08.00 до 20.00 часот.

За минување на границата ќе важат истите правила како и на другите гранични премини, односно важечка патна исправа (пасош или лична карта).

Преминот е значаен за развојот на туризмот на општините од двете страни на границата, како и за меѓусебното поврзување на жителите од општините ќе ги задоволи потребите во овој период на граѓаните кои живеат на подрачјето на Општина Маврово и Ростуше, Република Северна Македонија и Општина Драгаш, Република Косово, а ќе ги користат во најголем број жителите на селата Ростуше, Велебрдо и Жировница – од македонска страна, и на селото Рестелица, од косовска страна.

-Денешново отворање на времениот Граничен премин Стрезимир – Рестелица е уште една наша заедничка контрибуција во име на заедничките цели – граници што ќе бидат безбедни и отворени за граѓаните. Овој граничен премин, иако по својот обем и карактер е практично од локален тип, сепак е во интерес на жителите од пограничните региони, за нивно непречено транзитирање од двете страни на границата, независно дали станува збор за економски, приватни или други причини. Колку за илустрација, со оглед дека преминот по правило функционира во летниот период, на пример во текот на едномесечното работење во 2019 година регистрирани беа речиси 1.900 преминувања, што е респектабилна бројка за еден ваков времен граничен премин, рече министерот Спасовски.

Вицепремиерот на Република Косово, Емилија Реџепи во својот говор потенцираше дека отворањето на овој граничен премин е од исклучитечно значење за локалното население од овој регион, притоа изрази голема благодарност до министерот Спасовски за придонесот околу зближувањето на двете општини преку отворањето на овој граничен премин.

Поврзани новости