Денеска – 1 септември во Белград почнува Првиот меѓународен саем за вино и храна во рамки на Отворен Балкан, а покровители се трите држави кои се дел од оваа иницијатива: Северна Македонија, Србија и Албанија.
Саемот е насловен „Винската визија на Отворен Балкан и на него ќе учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји. Од земјава ќе има 42 винарници и три дестилерии кои на посетителите ќе им презентираат над 300 различни типови македонски вина и ракии.
На двете манифестации свое обраќање и учество ќе има и премиерот Димитар Ковачевски.
-Во рамки на саемот ќе има дегустација на вина, а воедно ќе се одржи натпреварот Трофеј на виното на Отворен Балкан 2022 година. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители како и отворање на нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија, велат од Владата.
Покрај вината, под слоганот „Вкуси го животот“, Македонија ќе се претстави и со десетина производители на храна кои ќе ги претстават автентичните вкусови на македонската кујна.
-Македонската туристичка понуда на Саемот за вино, храна и туризам во Белград, ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот ено-гастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам, велат од Владата.
На четиридневниот саем ќе се организира и македонска вечер, на која домаќин ќе биде премиерот Димитар Ковачевски, а гости ќе бидат претставници на бизнис заедниците и владите од трите држави присутни на саемот.
Покрај саемот, во Белград ќе се одржи и традиционалниот политички самит во рамки на Отворен Балкан помеѓу македонскиот премиер Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама.