Отворен Балкан даде фантастични резултати, оценија премиерите Ковачевски и Рама

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека следната недела со премиеракта на Србија Ана Брнабиќ ќе го промовираат заедничкиот м-таг за електронска наплата на патарините за сите граѓани кои се движат по кородорот 10. Тој ова го кажа на заедничката прес конференција со албанскиот премиер Еди Рама во одговор на новинарско прашање дали приказната за „Отворен Балкан“ е завршена.

„Приказната со ‘Отворен Балкан’ не е завршена.  ‘Отворен Балкан’ даде многу резултати кои што се видливи. Идната недела ќе имам заедничка средба со премиерката на Србија Брнабиќ на која ќе го промовираме заедничкиот м-таг за патарините за сите граѓани по коридорот 10 и ‘Отворен Балкан’ не ја завршил својата мисија со оглед на тоа дека тој се залага за истите вредности за кој што се залага и Берлинскиот процес, како поголем процес кој што ги вклучува сите без исклучок“, изјави Ковачевски.

Тој рече дека ‘Отворен Балкан’ ќе остане отворен засекогаш за сите, и дека со оваа иницијатива надворешно трговската размена меѓу Србија и Македонија е зголемена за 50%, а меѓу Албанија и Македонија за 40%.

„Туристичката размена од Србија во Северна Македонија е зголемена  лани за 500% во споредба со претходно. Македонија ниту Албанија не можеа да замислат сами да имаат штанд на најголемиот штанд за вино во Италија. Тоа е можно ако отидете заедно“, рече Ковачевски.

Албанскиот премиер Рама на истото прашање одговори  дека „Отворен Балкан“ е  една од 72 иницијативи и дека ја презеле оваа инцијатива, бидејќи имало застој во реализација на берлинскиот процес.

„Оваа иницијатива ни донесе фантастични нешта, кои се во реалноста на луѓето кои ги користат придобивките од ‘Отворен Балкан’ за да тргуваат, за да се движат слободно. Освен тоа што го спомна Димитар во идните денови ќе го завршиме и тоа едно запирање на царинскиот премин Ќафасан и тоа е производ на ‘Отворен Балкан’. Набрзо има една изложба во Париз и тоа е производ на оваа иницијатива. Саемот на вина е исто така саем отворен за сите од ‘Отворен Балкан’ и ќе продолжи“, изјави Рама.

Тој додаде дека сите треба со срце да го поддржат Берлинскиот процес и да овозможат да биде функционален, бидејќи „Отворен Балкан“ покажал дека кога земјите се сплотени тогаш делуваат функционално. Според него треба да се даде поттик на Берилнскиот процес кој е клучен и да се поврзе со планот за финансирање на ЕУ.

 

Поврзани новости