Откажан е концертот на Ареа во Охрид

by fokus

Популарниот бенд Ареа нема да го одржи вечерашниот концерт во Антички театар Охрид, а сите кои купиле билети ќе можат да ги вратат на продажните места од кои се купени. Според организаторот, Sun Production, концертот се откажува поради состојбата со корона вирусот, но и поради лошите временски услови.

-Иако со голем ентузијазам влеговме во овој проект, со големо жалење сакаме да Ве информираме дека концертот е откажан. По многу месеци тишина сакавме да го скршиме мразот со концерт на еден од најдобрите македонски бендови на локација каде најдобро би можеле да ги имплементираме протоколите. Но, целокупната атмосфера овие денови не натера да ја донесеме оваа одлука. Во никој случај и од никого не би сакале да бидеме посочени ниту како најмал чинител за продлабочување на здравствената криза. А исто така и неповолната временска прогноза е причина плус за оваа одлука. Сакаме да Ви се заблагодариме на сите за големиот интерес, и голема благодарност до бендот за разбирањето. Сите купени билети ќе може да ги вратите од продажните места од кои сте ги купиле. За онлајн билетите потребно е само да испратите меил со барање за рефундација на contact@kupikartizase.com и од таму ќе добиете повратен одговор за рефундација на средствата. Се извинуваме ако поради откажувањето ги нарушивме Вашите планови, но ве замолуваме за разбирање. Се надеваме дека во скоро време повторно ќе се дружиме – информира организаторот.

В.К.

Поврзани новости