Лидерот на новоформираната партија Унитети, Гзим Острени, во интерју за Радио Слободна Европа рече дека Договорот од Пржино мора да се спроведе, а доколку пропадне, нема понатаму.
-Сите велат дека таму учествуваат четири партии, а јас би рекол дека таму учествуваат две страни. На една страна се ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, а на другата се СДСМ. Оттука излегува потврдата дека ДУИ е вазал на ВМРО-ДПМНЕ. Решение е ако луѓето кои се виновни си одат, ако ја сакаат Македонија, но јас ценам дека повеќе се сакаат себеси отколку што ја сакаат Македонија, вели Острени.
Тој смета дека кочничари на преговорите се токму трите партии: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, а законот за мораториум на бомбите за него е апсурд.
-Зошто да ги запреме „бомбите“ и со закон и да биде казнет некој уредник на медиум со пет години затвор, ако објави „бомба“. Тоа е апсурд. Решението треба да се бара во отстранување на последиците, а последиците се отстрануваат ако се отстранат причините. Која е причината што е Македонија тука каде што е? Толку години се на власт ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и кај кого сега ќе ја бараат причината зошто е ова вака? Затоа што така владееле рече Острени.