Оставки и рокади во владата на Борисов

by fokus

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска информираше дека се прифатени оставките на четворица министри во владата – министрите за финансии, внатрешни работи, економија, туризам, а промена ќе има и во Министерството за здравство бидејќи досегашниот министер Кирил Ананиев е предложен да го преземе министерското столче за финансии.

„Постигнав договор со моите коалициски партнери Красимир Каракачанов и Валери Симеонов за промените во владата. Ги прифатив оставките на министерот за финансии Владислав Горанов, министерот за внатрешни работи Младен Маринов и министер за економија Емил Караниколов. Денеска во коалицискиот одбор ги одобривме предлозите за новите лидери во овие министерства. За министер за финансии го предлагаме досегашниот министер за здравство Кирил Ананиев, а како министер за внатрешни работи – сегашниот директорот на Националната полиција Христо Терзиски. Лачезар Борисов, кој моментно е заменик-министер за економија, е наш предлог за министер за економија. Во рамки на коалицискиот совет, ја прифативме оставката на Николина Ангелкова како министерка за туризам и предлагаме на ова место да дојде вицепремиерката за економски и демографска политика Маријана Николова. На местото министер за здравство го номинираме досегашниот извршен директор на болницата ‘Александровска’, проф. Костадин Ангелов, изјави Борисов.

Во своето обраќање до јавноста тој рече дека новиот владин состав ќе продолжи да работи во корист на граѓаните и најави нови мерки за намалување на последиците од ковид-19.

Промените во владата на Борисов доаѓаат во време на секојдневни антивладини протести во Бугарија, со барање за оставка на владата и на јавниот обвинител Иван Гешев, како и одржување фер избори.

Поврзани новости