Ременски: Ќе се појави доказ за изоставање на можни обвинети во „Меѓународен сојуз“!

by fokus

Професорката Фросина Ременски, откако го даде воведниот збор како обвинета во случајот „Меѓународен сојуз“, во изјава за медиумите појасни во која насока ќе се движи нејзината одбрана.

-Како што слушнавте од воведниот збор кој првично го изнесе мојот правен застапник, а во дел го дополнив и јас, ние во целокупната наша аргументација, фактите и правните прашања што ќе ги аргументираме во текот на постапката, ќе негираме и ќе докажуваме дека нема кривично дело, помагање во измамата. Од воведните зборови и на останатите се доведува во прашање и постоење на кривичното дело за „Меѓународен сојуз“. Ќе ги истакнеме сите докази кои одат во прилог на нашата теза дека самата поддршка на идеја за општествено добар проект од страна на избрано лице не е е кривично дело. За тоа обвинителството, ниту има, ниту ќе понуди докази.

Од друга страна пак од понудените сведоци и докази ќе можете да се уверите во реални дејствија од страна на овластени лица кои имале сериозно пристапување во реализација на овој проект. Тоа прашање е од клучно значење за нас, имајќи ја во предвид и самата квалификација која обвинителството ја дало на делото. Многу лесно можете да кажете дека некому сте му дале совет и упатство, но многу е тешко да докажете дали тој совет или упатство е упатство за извршување на кривично дело, или упатување на законска процедура за реализација на проектот. Тие се сериозни прашања кои покажуваат на сериозните фалинки на обвинението, истакна Ременски.

Таа додаде и дека очекува да се појави доказ кој ќе потикне прашања зошто други лица не се на обвинителна клупа.

-Она што за мене професионално е предизвик во овој случај е најважната фаза во кривичната постапка а тоа е криминалистичката методика и стандардните оперативни процедури во истражување и докажување на кривично дело измама. Ова го кажувам најодговорно имајќи во предвид дека ако го погледнете обвинението, квалификациите кои се дадени, понудените докази и сведоци ќе видите дека има сериозно непочитување и на таа методика, која обвинителството имала обврска да ја почитува. Меѓутоа во текот на постапката верувам дека ќе излезе доказ за незаконски средства за одредени дејствија за да се дојде до ваква слика во судница, во која ќе имаме обвинети, а ќе имаме изоставање на можни обвинети со извршни овластувања, рече Ременски.

Поврзани новости