Оставаме институциите да ја водат истрагата, вели сестрата на Никола Милев

by Fokus 15:03
15:03

Се уште не е пронајден радовишанецот Никола Милев (27), кој на 19-ти ноември неговата сестра го пријавила за исчезнат.

Младиот човек кој престојувал кај својата сестра во Струмица, каде околу пет месеци работел во приватна фирма, излегол облечен во темни фармерки, црно-бела блуза и зимско темно палто. Телефонот му бил исклучен.

- Advertisements -

Неговата фотографија и апелот за помош од јавноста, доколку некој има било каква информација, се објавија од негови пријатели на социјалните мрежи.

И од СВР Струмица за ,,Фокус” потврдија дека момчето е пријавено за исчезнато и истрагата е во тек. Во телефонски разговор за ,,Фокус” пак, неговата сестра вели дека семејството не сака да дава изјави за медиуми, ниту пак било какви дополнителни информации за случајот.

Појаснува дека настанот е пријавен во соодветните институции и оставаат тие да ја водат истрагата. Потврди дека таа го пријавила исчезнувањето во полиција.

-Надлежните служби ја водат истрагата. Не сакаме ништо да изјавуваме, фотографијата на Никола веќе се објави насекаде, оставаме институциите да работат-кратко порача таа во телефонски разговор.

И од СВР Струмица потврдуваат дека по момчето уште се трага.

-Известено е Јавното обвинителство од наша страна за случајот. Истрагата е во тек, конкретно нема ништо ново – ни изјави Александра Трајанова, портпарол на СВР Струмица.

Фотографија и податоци за Никола веќе се објавени на официјалната страница за исчезнати лица на МВР. На истата страница стои и фотографијата на Марија Брзакова (28), која исчезна од Босилово, Струмица во јануари 2020 година и се уште не е пронајдена.

Вики Клинчарова

Поврзани новости