Осми Март ни е уништен поради хаосот со пасошите, реагираат туристички агенции

by Fokus

Поради хаосот кој настана поради промената на личните документи, и неможноста да се дојде до нов, важечки пасош за кратко време, голем број на туристички агнеции од земјава реагираат дека сега, во пресрет на празникот Осми Март, кога има голем интерес за екскурзии во странство, трпат големи загуби.
Се откажале голем број на екскурзии во земји каде може да се влезе само со нов пасош, со името Северна Македонија, па се барале алтернативи во земји кои ги пуштаат нашите граѓани со лична карта, или пак со пасош со името Македонија.

-Наместо во Грција или Бугарија, како во минатото, сега се снаоѓаме како знаеме, па понудивме екскурзии во Србија, Косово и Унгарија. Во Србија може да се влезе со стара важечка лична карта, исто и во Косово, во Унгарија може да се влезе со стар важечки пасош.
Во Црна Гора, на пример, не може да се влезе со стара важечка лична карта. Не добиваме точни информации, самите мораме да проверуваме, доведени сме во многу лоша состојба!
Кој како знае, така се снаоѓа и никој не се запрашал како туристичките агенции функционираат овој период – реагираат сопственици од повеќе агенции во земјава.

Појаснуваат дека осмомартовските екскурзии за нив биле значаен период, кога се работи со полна пареа, и моментално, не по своја вина, трпат големи загуби.

-Досега се нема случено некој да биде вратен од Косово, Србија и Албанија со стар пасош со важечки датум. Но, сите оние атрактивни понуди за подалечни дестинации, кои ни носеа многу клиенти за празникот, достапни се само со нов пасош. Целата ситуација е голем финансиски удар за агенциите. Добивме информација дека и во Босна може да се патува со стара лична карта, па сега понудивме екскурзии до Сараево.
Уште не сме стабилизирани поради кризата која ја предизвика Ковид пандемијата, ни се случи нов удар- појаснуваат од позната скопска туристичка агенција.

Велат дека се ближат и Велигденските празници, кога има интерес за патувања, и неизвесно е дали дотогаш барем делумно ќе се средат работите, односно колку од граѓаните ќе успеат да извадат нови документи.

-Веќе во мај започнуваат аранжмани на подолг период, има граѓани кои одат на еднонеделно летување во Грција по поволни цени пред сезона, и тоа е доведено под знак прашалник. Многумина имаат закажано фотографирање за пасош дури во мај, неизвесно е кога ќе го добијат документот, па не може да се планира и да се уплати однапред. Се трудиме со атрактивни понуди во земјите кои не бараат нови документи, но понудата е ограничена, а последиците за нас се големи – се жалат туристичките агенции.

Според Преспанскиот договор, пасошите без новото име Северна Македонија престанаа да важат на 13-ти февруари годинава, откако помина петгодишниот преоден рок.
Важењето на возачките и сообраќајните дозволи со старото име, со измени во законот беше продолжено до крајот на годинава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости