Воената агресија против Украина продолжува да го покажува својот грд лик, мирот е разрушен, луѓето продолжуваат да умираат и да страдаат, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој денеска пред Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена ја презентираше програмата на нашето претседавање со организацијата за 2023 година.
-Нашата меѓусебна доверба е длабоко поткопана. Сепак, уверен сум дека нашите надежи за подобра иднина за нашата Организација, земјите кои ги претставуваме и луѓето на кои им служиме остануваат високи. Се работи за нив, се работи за луѓето. Ова е нашето мото и силата која нѐ води за годината што претстои – рече Османи.
Упатувајќи честитки за полското претседавање претходната година, тој нагласи дека ОБСЕ треба да даде резултати во тешки времиња и има обврска и капацитет да ги заштити интересите на луѓето.
-Одговорот на ова прашање треба заеднички да дојде од сите 57 држави учеснички и не може сама нималку да го даде ниту една држава учесничка во текот на својот мандат на кормилото на оваа организација. Нашиот план во 2023 година е повторно да го заживееме овој дух. И покрај сите тешкотии, нашата Организација го докажа својот потенцијал. Мора да му дадеме дополнителна поддршка на ОБСЕ за да одговори на својата задача. Тоа подразбира брзо усвојување на единствениот буџет на организацијата. Начелата и заложбите не треба да останат само флоскули – нагласи Османи.