Претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи смета дека претседателот на државата Хашим Тачи требаше да поднесе оставка од функцијата пред да замине во Хаг, каде што беше повикан на распит пред Специјалното обвинителство поради подигнато обвинение за злосторства во текот и непосредно по војната од 1998-99, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во синоќешното интервју за телевизијата Клан Косова, Османи рече дека со тоа што замина во Хаг како претседател, Тачи ѝ штети на функцијата, но и самиот себеси како личност.
– Како правничка поаѓам од презумпцијата на невиност. Меѓутоа како политичарка сметам дека тие кои што се повикуваат во Хаг веднаш треба да поднесат оставка. Претседателот Тачи погреши што како претседател замина во Хаг. Со тоа ѝ наштети и на функцијата и на самиот себе, изјави Османи.
Според неа, Ослободителната војска на Косово (ОВК), чиј еден од основачите и водачите беше Тачи, „не може да се доведува во врска со некакво злосторство во 1999 година, бидејќи тогаш беше демилитаризирана“, додека Косово не успеа да отвори расправа за вистинските сторители на злосторства.
– Не може воопшто да се зборува за злосторства по војната, бидејќи тоа е сосема нелогично. За жал ние не успеавме да покренеме отворена расправа за злосторствата на српската геноцидна држава, а има тенденции тие злосторства да се релативизираат, изјави Османи.
Против Тачи, против лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и поранешен собраниски спикер Кадри Весели, како и против неколку други основачи и водачи на некогашната ОВК, пред Специјалниот суд за Косово, чие седиште е во Хаг, се покренати обвиненија за злосторства врз цивили од разни нациналности во текот и непосредно по последната војна во Косово.
Тачи, кој минатата недела беше четири дена испитуван од Специјалното обвинителство во Хаг, најави дека ќе поднесе оставка од функцијата претседател на државата доколку обвинението против него се потврди.