Османи: Ризиците се многу ако не добиеме датум за преговори

by fokus

Во случај да не добиеме датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ ризиците се многу, а земјите членки треба да го имаат предвид тоа кога ќе решаваат зошто треба да бидеме дел од Унијата и да ги започнеме преговорите, порача вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на традиционалниот „Појадок со ЕУ“ по повод Денот на Европа.

– Оваа земја е единствена во регионот која целосно ги има решено границите. Таа е целосно функционална мултиетничка и мултирелигиска земја и е парчето кое недостасува во мозаикот на ЕУ што може да придонесе на Унијата со нов дух на кохезија и може да послужи како позитивен пример за целиот регион на Западен Балкан. Подготвена е целосно да постапува согласно со заедничките надворешно-политички цели на Унијата и да биде дел од одбранбените структури на ЕУ. Ги унапредуваме добрососедските односи согласно стандардите на ЕУ и подготвени сме политички, но и со своите институционални капацитети да ги започнеме пристапните преговори, рече Османи.

Посочи дека има бројни ризици ако Македонија повторно не добие датум за почеток на пристапните преговори.

– Губењето на надежта за ЕУ и НАТО членство ќе придонесе младите луѓе и понатаму да продолжат да ја напуштаат земјата намалувајќи ја работната сила и можностите за развој и раст. Загубата на надежта исто така ќе предизвика силен замор од ЕУ и евроскептицизам и ќе ги зголеми анти-НАТО чувствата. Поделеноста на населението по етничка, религиозна и социјална основа ќе се продлабочи што ќе предизвика ранливост на демократските институции и нивниот капацитет да владеат, ќе го намали нивото на отпорност и ќе создаде плодна почва за вмешување и поголемо влијание на трети земји. Ќе отвори простор за навлегување на потенцијални насилни групи зголемувајќи го со тоа ризикот од тероризам, екстремизам и национализам, предупреди вицепремиерот Бујар Османи.

Сето ова, нагласи, мора да се употреби како основа на која ќе градиме поширок и траен консензус за сите предизвици на овој пат. Затоа не не смее да се дозволи да го загубиме овој историски момент.

– 2018 е клучна година за Македонија. Се радувам на претстојниот историски Самит во Софија следната недела кој се надевам ќе биде прв самит на ЕУ посветен на проширувањето по Самитот во Солун во 2003 година на кој очекуваме да биде реафирмирана европската перспектива од земјите од Западен Балкан со декларација. Софија секако ќе донесе повеќе енергија и поттик за поврзаноста, стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет на Западен Балкан. На јунскиот Самит на ЕУ нашите очекувања се официјално да добиеме датум за почеток на преговорите за пристапување, рече Османи.

Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар истакна дека земјата за една година успеа да постигне импресивни резултати во однос на реформите, но останува на Советот на ЕУ да ја донесе одлуката за датум за пристапни преговори.

– Прашањето не е дали чашата е полупразна или полуполна, туку она што е важно е да продолжите да ја полните, како што правевте досега, рече Жбогар.

Бугарскиот амбасадор Иван Петков во својство на претставник на земјата актуелен претседавач со Унијата, изрази надеж дека за време на бугарското претседателство Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите.

Традиционалниот „Појадок со ЕУ“ е во организација на Секретаријатот за европски прашања, а на него учествуваа амбасадорите на земјите членки на ЕУ, на САД и поранешни вицепремиери за европски прашања.

Поврзани новости