Помпео: САД се подготвени за соработка со Северна Кореја

by fokus

САД се подготвени да соработуваат со Северна Кореја со цел постигнување мир на Корејскиот Полуостров, изјави денеска во Пјонгјанг американскиот државен секретар Мајк Помпео.

– Со децении бевме противници. Сега се надеваме дека ќе можеме да работиме заедно за надминување на конфликтот, да ги надминеме заканите и да го сториме тоа на начин што ќе и овозможи на вашата земја да ги добие сите шанси што ги заслужува вашиот народ, изјави Помпео на средба со поранешниот началник на севернокорејското разузнавање Ким Џонг-чол, кој сега е одговорен за меѓукорејските односи.

Ким, од своја страна, изјави дека Пјонгајнг има големи очекувања дека САД ќе играат „многу важна улога во постигнувањето мир на Корејскиот Полуостров“.

Како што синоќа најави американскиот претседател Доналд Трамп, цел на посетата на Помпео на Северна Кореја е да ги утврди деталите за неговата средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Претставник на јужнокорејската Влада изјави дека се очекува Помпео да отпатува од Пјонгјанг заедно со тројцата американски државјани, кои беа затворени во Северна Кореја.

Од друга страна, јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека Јапонија ќе ги нормализира односите со Северна Кореја, само ако сеопфатно се решат прашањата за севернокорејската нуклеарна и ракетна програма, но и прашањето за киднапираните јапонски државјани.

– Јапонија, Кина и Јужна Кореја мора да соработуваат со меѓународната заедница и изречно да побараат Северна Кореја да преземе специфични активности за денуклеаризација, односно да се откаже од оружјето за масовно уништување и од балистичките ракети, изјави Абе на почетокот на 75-минутната средба со кинескиот премиер Ли Кеџианг и јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин во Токио.

Северна Кореја претходно призна дека киднапирала 13 јапонски државјани, пред повеќе од 10 години за да обучаваат шпиони, од кои петмина се вратиле во Јапонија.

Поврзани новости