Османи: Преспа форумот за дијалог е новиот бренд на Северна Македонија

by Fokus

Успеавме да покажеме, но пред сѐ и себеси да си докажеме, дека сме рамо до рамо со нашите партнери и пријатели кога се работи за нашиот придонес во меѓународните односи. Од денес, Северна Македонија добива место на мапата на меѓународната заедница како сериозен партнер и точка од која произлегуваат позитивни иницијативи, оцени министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција на која ги пренесе заклучоците и постигнатите цели од Преспа форумот за дијалог што изминатите два дена се одржуваше во Охрид и Отешево.

Османи информираше дека за Преспа форумот за дијалог се добиени пофални зборови од сите учесници и тоа не само од организациски аспект, туку и од аспект на темите што беа понудени, како и од иницијативите и предлозите што произлегоа во изминатите два дена.

Зборувајќи за постигнатите цели, Османи нагласи дека на форумот е демонстрирана волја за зајакнување на меѓусебните дијалози на највисоко ниво, реафирмирана е интенцијата за зајакнување на взаемната доверба и за реализацијата на заедничките цели за стабилен, просперитетен и интегриран регион во европските структури.

– Она што за нас е важно е што во неколку наврати беше потенцирано дека проширувањето на ЕУ – не е техничко, туку важно геостратешко прашање за кое е потребно соодветно внимание и политичка волја од сите актери за реализација на заедничките цели. Ако Европа сака да биде обединета, земјите од регионот треба да бидат вклучени преку инклузивен пристап. Местото на Западниот Балкан е во ЕУ и тоа веќе не е прашање на проширување, туку прашање на обединување на Европа, истакна министерот за надворешни работи.

Поврзани новости