Секое отворање на Законот за јазици, со кој се затворија прашањата од Рамковниот договор, ќе не врати пред 2001 година, изјави денеска вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, откако премиерот Зоран Заев најави дека ќе бидат инкорпорирани препораките на Венецијанската комсисија за ревидирање на употребата на албанскиот јазик во судството.
-Секое надгласување на македонските судии на албанските во Уставниот суд за Законот за јазици, секој обид на Министерството за правда да направи измени без усогласеност на целата влада и без консензус во Собранието е поместување на македонско-алабанскиот баланс кој се воспоставува со Законот за јазици и ќе отвори зачаран круг и спирала што ќе не помести од патот по кој сме тргнале – рече Османи.
Тој посочи дека Венецијанската комисија вели има потешкотии за примена на двојазичноста во судството поради немање капацитети, но, како што нагласува, можете да се употреби двојазичност во банкнотите.
-И не можете вие да отворите дебата за судството, а да не отворите дебата за банкнотите. Венецијанската комисија не вели да се отфрли двојазичноста во судството. Вели можеби во моментов нема капацитети, па Владата, односно државата да размисли дали можеби привремено да го одложи имплементирањето додека не се создадат капацитети или да создаде капацитети – рече Османи.