ДУИ ги демантира тврдењата на Никола Груевски дека Али Ахмети никогаш не побарал писмена гаранција зашто, како што изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, имал доверба во ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот Бујар Османи е дециден – гаранцијата што се бара од СДСМ е истата што беше испорачана и до ВМРО-ДПМНЕ, објави Алсат-М.
-Тоа е истата што ја имавме со ВМРО-ДПМНЕ за време на преговорите – јасно да се детализира законот за албанскиот јазик и целата платформа да се смета заедничка платформа за евентуална владина програма, рече Османи.
И покрај заканите на Груевски – ако ДУИ коалицира со СДСМ, во иднина да не се надева на соработка со ВМРО-ДПМНЕ, партијата на Ахмети тврди дека се уште не се откажала од петте нејзини опции меѓу кои е и евентуален договор коалицирање токму со ВМРО-ДПМНЕ.