Османи: Колку треба да си алчен и да не си ја сакаш државата

by Fokus

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на неговиот официјален Фејсбук профил реагираше на обвинувањата на потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, со став дека „преку фрлање дрва и камења по Албанците како да се непријатели на оваа држава се прави обид да се направи етнички јаз по стратешките прашања, со цел да се ослабне позицијата на државата и со тоа да се обезбеди политичка предност за опозицијата“.

Според Османи, со ваквите изјави не само што се преминуваат црвените линии на пристојност, туку „без трунка одговорност, онака лежерно и волунатаристички, се напаѓа севкупната државна позиција и успехот на целиот политички спектар да се обедини околу стратешките прашања“.

– Буквално сите граѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи или Бошњаци, буквално сите граѓани се обединети во одбрана и на државните интереси, и на националните интереси на нашите сограѓани Македонци. Еден од клучните темели на кои се потпира нашата цврстина и во преговорите со Бугарија, но и во претставувањето на нашите позиции во ЕУ и меѓу земјите – членки, е токму обединетоста на целиот политички, етнички, културен и општествен спектар во земјава.

Јас сум свесен дека борбата за политички поени е цврста и непријатна, ние сме сите политичари и се бориме да ги освоиме симпатиите на своите гласачи, но да си дозволиш да го нападнеш и да се обидеш да го загрозиш клучниот државен столб на кој се потпира цврстината на нашите позиции, тоа не говори само за неодговорност, туку за еден вид патологија во чија суштина лежи длабоко вкоренета албанофобија, нагласува Османи во објавата.

Османи прашува, колку ли само треба да си алчен, и да не си ја ниту почитуваш ниту сакаш државата, за да ја нападнеш нејзината суштинска придобивка – успешната мултиетничка обединетост по стратешките интереси.

Поврзани новости