Османи: Им предложивме на СДСМ да направиме заедничка кампања за претстојниот референдум

by fokus

Албанците во Македонија немаат дилеми околу Договорот со Грција и ќе го поддржат на претстојниот референдум, не само затоа што ги отвора вратите кон ЕУ и НАТО, туку и затоа што го чува идентитетот на нашите сограѓани Македонци, истакнува вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во интервју за Би-Би-Си на српски јазик.

Османи вели дека неговата партија ДУИ им предложила на владините коалициски партнери да направат заедничка кампања за прифаќање на Договорот пред есенскиот референдум.

– Тоа би било првпат Македонците и Албанците да прават заедничка кампања. Секогаш се делиме на избори, а ова би можело да биде добра порака за меѓуетничките односи – заеднички да ја градиме државата и да одиме во НАТО, наведува Османи.

Според него, меѓуетничките односи во Македонија ќе бидат во хармонија само ако постои јасна перспектива за членство во ЕУ и НАТО.

Тој смета дека прифаќањето на Договорот ќе ги отстрани сите пречки за стабилност, економски и политички развој на земјата.

– Македонија како цивилизација и држава му припаѓа на Западот. Со земјите на Истокот имаме добри билатерални односи, но му припаѓаме на Западот. Македонија и географски и историски е на крстопат каде што се спојуваат Истокот и Западот, а познато е дека сообраќајните несреќи најчесто се случуваат на крстопатите, вели Османи во врска со стратегиските определби на Македонија.

За очекувањата на Македонија, по постигнатиот Договор со Грција, конечно да добие датум за почеток на преговорите, Османи вели дека ако нема позитивна одлука од ЕУ за отворање на преговорите тоа би создало негативна клима во земјата дека се прават жртви без награда.

– Тоа може да се одрази на референдумот, а ако референдумот пропадне ќе пропадне и Договорот. Ако пропадне Договорот пропаѓаат и идеите за членство во ЕУ и НАТО, нагласува Османи.

Тоа, според него, би се одразило негативно и врз целиот регион, а посебно на преговорите меѓу Белград и Приштина.

– Тука се гледа важноста на ЕУ да направи чудо во регионот – да го претвори од регион на судири во регион на соработка. Не сите во ЕУ сфаќаат колкава е моќта на Унијата да го трансформира целиот регион, вели Османи.

Македонскиот вицепремиер за европски прашања повторува дека 2018 е историска година за Македонија и ако не се искористи, како што наведува, „можат да се испомешаат ѕвездите и можеби на тој пат да не удри некој астероид“.

Прашан за односите со Србија, Османи вели дека се во нагорна линија, постои соработка на сите нивоа, а помалите проблеми брзо се решаваат. За забелешките од Белград за односот на Скопје кон Приштина, Османи вели дека Косово е реалност што Македонија ја прифати и призна и тоа не треба да биде отворено прашање меѓу Македонија и Србија.

Поврзани новости