Бугарија не може да поставува нови услови зашто преговарачката рамка е затворена, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на новинарски прашања на Преспа – Форумот за дијалог, што се одржува во Струга.
За преговорите со опозицијата, Османи рече дека се преговара во ВМРО-ДПМНЕ во целина, но посочи дека се разговара и со пратениците поединечно.
„Работиме на две паралелни патеки – со опозицијата во целина и, се разбира, со пратениците во Собранието како се отвора јавната дебата таму. До денот кога на пленарна седница ќе го има првото гласање отворени се опциите да има договор со опозицијата по однос на уставните измени, вклучувајќи го и планот од три точки што го претставив. Јас се надевам дека во наредниот период од Влада до Собранието ќе биде препратен драфтот, односно предлогот од страна на Комисијата и тука ќе почнат да се бројат роковите. Знаете дека треба прво Комисија да разгледа, па 10 дена предлогот треба да се седи кај пратениците и така да поминат одредени уставни рокови за да се дојде до првото гласање. До првото гласање имаме шанси за договор со опозицијата“ – рече Османи.
На прашање од бугарски новинар во врска со тоа дали резолуцијата што денеска треба да ја изгласа германскиот Бундестаг, може да се толкува како откажување на Бугарија од нови барања, Османи посочи дека таа не може да поставува нови услови затоа што преговарачката рамка е затворена.
„Бугарија не може да постави нови услови затоа што Преговарачката рамка е затворена. Се што има, има таму. Отворање на Преговарачката рамка ниту може на нашата ниту на вашата опозиција. Така што таа тема треба да ја затвориме дека утре може некоја бугарска влада да каже дека имаме нов услов. Немаме нов услов, затворена е Преговарачката рамка. Во Преговарачката рамка има три патокази, во едниот има акциски план за малцинства, тоа е единствениот услов кој е влезен во бенчмарковите за отворање и затворање поглавја. Тој акциски план не се однесува само на бугарската заедница, туку на сите заедници во државата. Се разбира, тука ќе треба да се исполнат сите тие услови во однос на еднакви права на сите тие граѓани независно од етничка припадност“ – рече Османи.
Македонскиот шеф на дипломатијата рече дека се надева дека „ќе изградиме односи каде добрата волја ќе го води процесот, ќе создадеме разбирање еден за друг, почит и дека нема да бидеме двете страни со калкулатор во рака и да процениме кој што направил“.