Весна Дамева „против“ продолжувањето на договорот за тестовите: Два месеца чекавме одговор од владата

by fokus

Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева која во 2022 година не го потпиша анексот на договорот со Институтот за социолошки и политичко правни истражување ИСППИ и „Виста груп“ денеска гласаше „против“ продолжување на договорот со оие институции кои досега ги спроведуваа психолошките тестови за судиите.

Откако Дамева не го потпиша анексот за кој тврдеше дека е незаконски беше блокиран изборот на судии во Апелација и на новите 30 кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.

Сепак Дамева не се чувствува одговорна и порачува дека два месеца се чекала владата.

-Добро што Владата по два месеци одговори, но дека јавноста треба да знае дека никој не го блокирал овој процес, затоа што Судскиот совет доставил информација до Владата и се чекало два месеци да се произнесе. Судскиот совет не беше виновен за ситуацијата, изјави Дамева, посочувајќи дека ќе гласа „против“.

Судскиот совет на денешната седница донесе одлука да се склучи анекс договор со веќе постојните институции, односно со Институтот за социолошки и политичко правни истражување ИСППИ и Виста, за спроведување на психолошките и тестовите за интегритет.

Одлуката, следува по денеска добиената информација од Владата, преку Министерството за правда по однос на психолошките и тестовите за интегритет, во кое се препорачува Судскиот совет да продолжи со постојните тела и институции со кои ги спроведува овие тестови до 2022 година, се додека друга институција или тело не добие акредитација.

Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, како и членовите Селим Адеми, Ивица Николовски, Лорета Георгиева и Мери Радевска, посочија дека со оглед на добиената информација од Владата нема пречка за потпишување анекс договори за продолжување на договорите со двете постојни тела, со кои досега се правеле тестовите.

Одлуката за прифаќање на препораката и потпишување анекс договори за продолжување на договорите, Судскиот совет ја донесе со седум гласа “за” и еден „против“.

Поврзани новости