Неуспехот денеска да се постигне согласност и да се поддржи усвојувањето на Рамката за преговори за Северна Македонија не е добра вест, но сепак, не значи дека на наредните состаноци нема да се постигне согласност, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи, додавајќи дека конечната одлука се носи на Советот на министри за една недела.
-Денеска имаше обид на ниво на подготвителни состаноци на ниво на амбасадори на земји членки да се постигне одредена согласност и очигледно според информациите дека не е постигната согласност, бидејќи по однос на текстот на преговарачката рамка претседателството се обидува да срочи текст кој е прифатлив за сите 27 земји членки – рече Османи.
Тој смета дека има простор да се направат објаснувања дека, како што вели, Република Северна Македонија нема никакви територијални претензии.
-Ова решение од Преспанскиот договор и долгото и краткото име се однесуваат на политички ентитет на државата Република Северна Македонија. Го покренуваат и прашањето на јазикот и Бугарија има право да си го задржи својот став по однос на тоа прашање, но тоа не значи дека тој став треба да биде префрлен на став на ЕУ, или став на земјата кандидат, и сметам дека тука има простор да се издвои тој став на Бугарија од ставот на ЕУ – додаде Османи.