Свештенството при храмот Св. Георгиј, кој беше организатор на традиционалната литија што се одржа денеска во Струга, по која следуваа реакции за непридржување на верниците до мерките за заштита од Ковид-19, соопшти дека црквата неколку дена претходно повикала на придржување на мерките од државните власти.
„Со цел да не згасне оваа древна културна манифестација во Струга, која, патем, е дел од значајното културно наследство на Македонија, заштитено со закон, а во исто време да се испочитуваат и профилактичките мерки донесени од страна на Владата, во соопштението од Црквата по повод овој настан, објавено на 4 мај, и проследено од страна на голем број медиуми, беше сосема јасно укажано дека верниците треба да се придржуваат на превентивните мерки на државните и здравствените власти“, стои во соопштението.
Од таму додаваат дека и епархиски митрополит Тимотеј во неговата јавна проповед пред почетокот на литијата рекол:
„Сега ќе продолжиме со предвидената Литија, но, како што знаете, поради ограничувања од страна на државните и здравствените организации или институции, не е дозволено да се групираме во голем број на народ, затоа ќе дозволите Литијата да ја направиме со помал број на луѓе, односно со оние кое се предвидени во смисла на Литијата што треба да се организира, а другите ќе ги замолиме да останат тука и да почекаат…“.
Од таму апелираат до политичките партии и сите општествени чинители да не ги користат активностите на Црквата за наведување на граѓаните да не ги почитуваат мерките, а до оние кои се декларираат како верници да бидат внимателни и одговорни.