Амбасадорот Аиво Орав се уште не знае дали ЕУ ќе предложи одложување на изборите закажани на 24 април. Тој не потврди дали еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во петок ќе пристигне во Скопје и ќе има средби со лидерите на четирите политички партии.
– Процесот со извештајот на Прибе и итните реформски приоритети ќе продолжат. Како што се сеќавате во нашиот извештај за напредокот на земјата во ноември, ЕК даде условена препорака и затоа ќе се навратиме на ова прашање по изборите. Во извештајот што ќе го подготвиме по изборите, планираме да се осврниме и на извештајот на Прибе, нагласи Орав на денешната прес-конференција во СЕП на која беше претставен ИПА статусот на спроведување.
– Од една страна 24 април е дел од договорот како ден за предвремени избори, но од друга страна има многу задоцнувања во имплементацијата на договорот од Пржино. Па така сите страни се во право, рече евроамбасадорот Орав. Тој потсети дека ја оценуваат ситуацијата во три области за подготовката за изборите и тоа прво ДИК и Избирачкиот список, во однос на персоналот на ДИК и ревизијата на Избирачкиот список, второ медиумите-балансирано известување и договорот на четирите партии за медиумите, одвојувањето помеѓу државата и партиите, како и притисоци и закани.