ЈАС СУМ АЛБАНЕЦ ОД ПРВ РЕД

by Фокус 13:17
13:17

Ја гледав вчера емисијата „Топ тема“ на Телма, каде што како гостин, меѓу другите, беше и потпретседателот на ДУИ, г-дин Рафиз Алити. Сакам да искажам екстремен анимозитет на изјавата на овој господин „дека Албанците во Македонија се чувствуваат како граѓани од втор ред“.

Ваков став за мене е голема навреда на чувствата и гордоста на сите прави Албанци, кои си ги знаат своето потекло и вредност. За да бидете третирани како граѓанин од втор ред и да го имате тоа чувство, тоа само индивидуата поединечно може самата да се доведе во таква положба, а не системот во кој живеете, па дури да се работи за најригиден режим.

- Advertisements -

Доколку господинот го има тој комплекс и таа фрустрација лично, тоа не му дава за право да го генерализира со сите припадници од неговиот етникус. Само луѓе без самопочит можат да носат во себе такво чувство на инфериорност наспрема другите, кои по кој било основ се разликуваат од него и без разлика на положбата во која се наоѓа во едно општество, па дури и кога е дискриминиран по однос на неговите права.

Затоа една од причините што државата ни е во оваа состојба веќе 25 години од осамостојувањето е искомплексираноста на двата етнички мајоритета. Македонскиот етникум, кој неоправдано пати од комплексот на неспознаен идентитет, па и каде треба и каде не треба го наметнува префиксот македонското, македонското…, а од друга страна албанскиот етникум, со самите на себе наметнатиот комплекс на граѓани од втор ред, кои хронично се чувствуваат обесправени, па само бараат права, права, права…

Ова е рамно на едно општество со два паралелни света, една држава со два блока, македонски и албански, за другите етникуми и не се зборува, како и да не се важни, а всушност сите ние, без разлика на нашето потекло, сме граѓани на Македонија, наша заедничка и единствена земја.

Кога сите ние ќе научиме вистински, а не декларативно, да ја сакаме својата земја и да се однесуваме вистински, а не декларативно, да ја сакаме својата земја и да се однесуваме со должна почит кон нејзе, тогаш ќе имаме држава според вредностите и стандардите на Европската унија.

Арбен ГОЉА, адвокат, граѓанин од прв ред на Македонија, по етникум Шиптар, пардон Албанец…

Поврзани новости