-Се обидуваме да го свртиме вниманието на овдешните луѓе и на Европа за овие проблеми веќе неколку години. Во октомври во извештајот за напредокот се обидовме да ги отстраниме сите убави зборови и ги подвлековме прашањата како владеење на правото, селективната правда, борбата против корупцијата, слободата на медиумите. Ова се многу сериозни проблеми, изјави денеска евроамбасадорот Аиво Орав на дебата на која студенти дискутираа дали Западен Балкан треба да стане дел од Унијата.
Орав предупреди дека Македонија може да ја изгуби препораката за почеток на преговори, ако до 31 август кога ќе биде затворен извештајот за напредокот, нешто не се промени на подобро.
-Ако нема ништо позитивно не можеме да креираме нешто вештачки. Последниве недели видовме неколку позитивни нешта. Прво, претседателот го свика Советот за безбедност, каде беа присутни сите политички партии, и второ, протестите викендов беа мирни. Имаше многу ризици дека нема да бидат мирни. Лидерите почнаа да зборуваат едни со други. Ова е чудо, бидејќи не беше случај во оваа земја со години, рече евроамбасадорот.
Тој рече и дека се надева дека денешните преговори меѓу Никола Груевски и Зоран Заев во Стразбур можат да донесат нешто позитивно.