Според истражувањето на Центарот за економски анализи, ниту една општина во земјава не подготвува и не објавува Граѓански буџет, а ретки се општините што го објавуваат Предлог-буџетот за следната година. Ретко се објавуваат и завршните сметки или пак се објавуваат нецелосно.
Половина од општините лани на своите веб страници објавиле како и за што се трошеле јавните пари, а само 10 општини ја објавиле состојбата на нивниот долг. Во извештајот уште се наведува дека нивото на транспарентност на локалната власт се уште е далеку од задоволително.
Поголем дел од граѓаните се изјасниле дека општините ретко ги поднесуваат буџетските информации и информациите за јавните пари, што според нив се должи на недостиг на интерес на општините за обелоденување на овие информации или не постоење свесност за потребата од транспарентност.