Општина Охрид реагира на вчерашниот напис на социјалните мрежи од страна на како што го нарекуваат, таканареченото граѓанско здружение, „Охрид SOS“.
Во продолжение реакцијата на општина Охрид во целост
-Овие дежурни критичари, кои поради нејасни причини досега не се јавно декларирани како личности, на дрзок и недоличен начин, преку навреди и дисквалификации го прозиваат градоначалникот Константин Георгиески дека дава поддршка на урбанистичката мафија и дека има најголема одговорност за најавената градба на хотел, на локацијата кај поранешниот расторан и дикотека „Парк“.
Во интерес на транспарентноста на постапката и со цел јавноста да биде навремено и точно информирана во врска со ова прашање и да се избегнат манипулациите со информациите кои беа тековно објавувани, градоначалникот одржа наменска прес конференција на која беа изнесени сите детали во врска со овој предмет и без исклучок беше одговорено на сите поставени новинарски прашања.
Недозволиво е „Охрид SOS“ да се повикува на член од Законот за градење и да тврди дека градоначалникот Георгиески може да сноси кривична одговорност доколку не го поништи правосилното одобрение за градење, бидејќи правна основа за тоа не постои. Основна причина за тоа е фактот што инвеститорот на градбата „Ремис“ ДООЕЛ Охрид согласно одобрението за градење кое му е издадено на 20.04.2018 година и соодветните законски прописи има поднесено известување за започнување на градба на 26.06.2019 година.
Иако градоначалникот навремено ги соопшти сите детали за овој предмет, би сакале уште еднаш да ја информираме јавноста дека Локалната урбанистичко планска документација за овој предмет е усвоена на седница на Советот на Општина Охрид со Одлука бр.07-2830/27 од 11.11.2009 година.
Согласно урбанистичката документација, правосилното одобрение за градење и одобрениот основен проект бр.20-623 од 06.07.2018 година, на предметната локација ќе се гради објект со намена Б3-големи угостителски единици-ресторан/хотел во висина П+3+Пк(Н=13,50м). Со урбанистичката планска документација е предвидена градежна парцела со површина од 9748 м2 и објект со површина во основа со 4525м2 или со процент на изграденост од 40%. Оддалеченоста на површината, согласно одобрената урбанистичко планска планска документација изнесува 50 метри од Охридското Езеро.
Во постапката за издавање на Одобрението за градење запазена е постојаната законска регулатива за изградба на објект со ваква намена. Има решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина издадено од Министерство за животна средина и просторно планирање од 23.04.2010 и Водостопанска согласност исто така издадена од Министерство за животна средина и просторно планирање од 28.10.2016 година.
Изнесените факти покажуваат дека Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески транспарентно ги водат сите урбанистички постапки и продолжуваат во континуитет да бидат посветени на исполнување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Граѓаните треба да знаат дека преку изнесување на инсинуации и лажни обвинувања и овој пат „Охрид SOS“ се обиде да ја манипулира јавноста, но цврсто сме уверени дека нивните обиди ќе останат безуспешни.