СДСМ ден порано ги информирал партнерите за гласањето на доверба

by Фокус

Пред вчерашното гласање за доверба на Владата по барање од премиерот Зоран Заев, се одржала координација меѓу пратениците од парламентарното мнозинство околу нивно присуство на седницата.

Како што велат за Фокус извори од владејачкото мнозинство, СДСМ преку координаторот на пратеничката група искомуницирал со пратениците од коалициските партнери за да ги информира дека Заев планира да побара гласање за доверба, со цел да се расчисти ситуацијата дали Владата има мнозинсто во Парламентот.

Меѓутоа, велат истите извори, комуникацијата меѓу социјалдемократите и „помалите“ коалициски партнери се однесувала само во однос на нивното присуство на вчерашната седница, без притоа кон нив да бидат упатувани сугестии или да бидат барани гаранции околу изјаснувањето.

-Опозицијата подолго време во јавноста ја наметнува темата дека прашање на денови е кога ќе се формира ново парламентарно мнозинство. Ваквите најави се поврзуваа со наводни преговори со пратеници од „помалите“ коалициски партнери, но главно најдоа потпора во внатрешните случувања кај ДУИ, поради кои често се доведуваше во прашање кворумот, а со тоа индиректно и мнозинството. Тоа се надмина и се покажа дека ова мнозинство е стабилно – вели пратеник од власта.

Досега, прашањето за доверба на Владата го поставувала опозицијата. Иако тие скоро никогаш не завршиле позитивно, сепак, опозиционерите во различни периоди го користеле овој инструмент главно поради трите дена предвидени за дебата, во кои ќе може да промовираат сопствени ставови додека сите очи се свртени во Законодавниот дом.

Но, вчера за првпат барање за доверба стигна од самата власт, откако Заев усно побара од пратениците да се изјаснат, користејќи го ваквото право согласно Уставот и собранискиот деловник. Во ваква ситуација, не се предвидува дискусија, туку веднаш се преминува кон гласање.

-Ред е да се соочиме, да го видиме на дело толку најавуваното мнозинство од опозицијата која наводно ќе ја падне оваа влада. Ова е моментот кога ќе покажеме пред граѓаните колку има вистина од опoзицијата. Да видиме за што станува збор – стабилна власт со стабилно мнозинство или разнишана опoзиција. Мора да е едното од двете, ако не и двете заедно – рече Заев.

После тоа, за доверба на Владата гласаа 62 пратеници, колку што гласаа и при изборот на Владата после минатогодишните парламентарни избори. Притоа, немаше пратеници коишто беа „против“ или „воздржани“. Опозицијата не присуствуваше на гласањето.

В.С.

Поврзани новости