Општина Карпош изразува искрено жалење за пожарот кој денес избувна на нејзина територија, во која изгоре поранешниот Градски завод за урбанизам кој е во стечај, се вели во реакцијата на општината на денешниот пожар.
-Со ова заминува дел од историјата на Град Скопје, макети од значајни објекти, проекти и урбанистички планови. Симптоматично е што пожарот многу брзо се ширеше и затоа Општина Карпош бара од Министерството за внатрешни работи – Службата за противпожарна заштита да направи темелна истрага за причините за пожарот, велат од општина Карпош.
Според урбанистот Леонора Грчева, во Заводот за урбанизам и архитектура Скопје (ЗУАС) се’ уште се наоѓаа оригиналните модели за централно Скопје од познатиот светски архитект Кензо Танге, како и најголемата колекција и материјална меморија за обновата на пост-земјотресно Скопје.