Инцидентот во Старата скопска чаршија, што вчера беше пријавен во полицијата, е правно-сопственички проблем, а не проблем од национална основа, соопшти општина Чаир во реакција на изјавата на сопственикот на хотел Арка Сашо Џиковски.
Според општината, проблемите од правно-сопственичка природа потребно е да се решат од надлежните органи односно во конкретниот случај Министерството за транспорт и врски, и, како што се наведува, за лични интереси да не им се даде меѓуетничка конотација.
– Старата Скопска Чаршија била и ќе остане симбол на мултиетничност и мултиконфесионалноста исто како и цел град Скопје. Апелираме уште еднаш проблемите од правно-сопственичка природа да не се злоупотребуваат за поттикнување на меѓуетничка омраза, се вели во реакцијата од општина Чаир.
Според сопственикот Џиковски, пак, од вчера изутрина во хотелот траел вандалски напад од 20 хулигани организирани од сопственик на дивоградба која се гради во Старата скопска чаршија.
Според Џиковски, „полиција интервенирала неколку пати, меѓутоа од полициската станица Бит пазар одбивале да реагираат со образложение дека повеќе не биле во можност да ја гарантираат нивната безбедност и телефонски им порачале да си ангажираат приватно обезбедување“.