Опремата за прислушување која била нелегално набавена од Велика Британија, преку фирмата „Финзи” на Коста Крпач не е уништена, соопшти обвинителката Ленче Ристовска на денешната прес-конференција на која беше објавен новиот случај „Трезор”.
Специјалното јавно обвинителство сомничи три високопозиционирани лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и едно раководно лице од МВР , за нелегална набавка на комуникациска и електронска опрема за потребите на Петтата управа во МВР, кои потоа со измислување потреба за нејзино одржување, за лично богатење, Буџетот го оштетиле за повеќе од 862.000 евра.
Како што инфомираа од СЈО тројцата осомничени, без постапка за јавни набавки, со британска фирма се договориле за купување на опремата за УБК. Но, место да биде донесена од добавувачот, тројцата од УБК, со помош на раководното лице од МВР, се договараат транспортот да оди преку фирмата ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје, чиј управител бил сега покојниот сведок на СЈО Коста Крпач. Станува збор за набавка на опрема за подвижен видео надзор, која на МВР му била фактурирана и продадена за 5 пати повисока сума од онаа во анексот.
Ристоска рече дека Коста Крпач бил сведок на СЈО и за предметот „Трезор“, како и дека обезбедил информации и за други истраги и предмети кои ги истражува обвинителството.
Oбвинителката не кажа дали Крпач добивал закани од функциониерите кои се сега осомничени во „Трезор“, но кажа дека сите докази кои ги поседуваат ги дале на Основното јавно обвинителство каде се води истрага дали тој се самоуби или е убиен.
Инаку, од СЈО за новиот случај „Трезор” побараа мерка притвор за едно осомничено лице, за останатите тројца мерки на претпазливост, а поднесоа барање и за донесување на привремена мерка- забрана за користење и располагање со трансакциската сметка на правнато лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.